Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска на прес-конференција побара од техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи да ја врати таблата на која стои уставното име Република Северна Македонија, а доколку тоа не се случи рече дека ќе бара од премиерот Оливер Спасовски на Собранието да му предложи нејзино разрешување. За прекршувањето на Договорот од Преспа, МНР добило вербална нота од Грција.

Димитров рече дека Мизрахи го прекршила Уставот и посочи дека таа треба да ја почитува заклетвата која ја дала а се однесува на почитување на Уставот и законите на Република Северна Македонија.

-Нејзина работа е да внимава да нема злоупотреби за изборите. Наместо тоа, таа ги проблематизира односите со Грција, создава проблеми со двете стратешки цели на земјата. Државата нема да го дозволи ова. Министерството за труд и социјална политика не е нејзинн стан. И мене не ми се допаѓа проектот „Скопје 2014“, па одам во Министерството на работа. Таблата во МТСП е јавна исправа и никој не може да ја менува. Добивме официјална реакција од соседна Грција, рече Димитров.

Според него, има елементи и за кривична одговорност на техничката министерка по член 353 и член 390 од Кривичниот законик, но тоа е работа на други државни институции.

 

Во нотата од Грција поради прекршување на Договорот од Преспа, како што кажа министерот за надворешни работи, е наведено дека е забележано грубо прекршување на Преспанскиот договор со менувањето на таблата во Министерството за труд и социјална политика од страна на техничкиот министер Рашела Мизрахи.

-Ова претставува грубо прекршување на Договорот од Преспа и доаѓа по повторени прекршувања на Договорот од страна на министерот за труд и социјална политика и од министерот за внатрешни работи. Амбасадата го посочува фактот дека Договорот од Преспа мора да биде доследно и постојано почитуван, пишувало во вербалната нота.

Димитров обвини дека со оваа постапка Мизрахи ги проблематизира односите со соседна Грција и создала проблеми во реализација на двете децениски стратешки цели – членството во НАТО и во ЕУ.

-Во овој период наш интерес е да го почитуваме сопствемниот Устав, потенцираше Димитров.

Шефот на дипломатијата одговарајќи на новинарски прашања рече дека тој не се обратил директно до Мизрахи за да се реши овој случај, и исто така кажа и дека Северна Македонија реагира до Грција во случаи кога нема примена на Договорот.