Исполнување на обврските на ЕУ кон регионот се клучни за задржување на реформската агенда на лидерите од на земјите од Западен Балкан.
Ова се пораките што ги упатија учесниците на панелот: Владеење на правото, миграции, безбедност/хибридни закани, што се одржува во рамки министерскиот состанок на Берлинскиот процес во Скопје.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, посочи дека пред априлските избори очекува клучна порака во март за потврда на досегашните залагања, особено што сега има две клучни состојки за успех.
-Прво имаме нова методологија и подобрен пристапен процес. Второ имаме два позитивни извештаја. Со тоа сметам дека имаме можност за напредок, порача Димитров.
Ако ЕУ сака да биде позитивна сила, истакна Димитров, треба да ги поттикне и да им покаже на лидерите од регионот дека вреди да се инвестира во решавање на тешките политички прашања и да продолжат со реформакиот процес.
– Ако не успее, тогаш ќе биде навистина лоша порака, нагласи Димитров.
Во однос на претстојните избори во април, изрази очекување дека нашето општество сега е посозреано и дека ги научивме лекциите од 2015 и 2016 година.
– Сметам дека немаме луксуз да ги изгубиме овие избори бидејќи се уште се однесуваат на насоката на движење на државата. Ние сме за напредок, додека опозицијата е за враќање назад на некои прашања. Верувам дека од следните избори ќе може да дебатираме за други посуштествени прашања како животниот стандард. Сметам дека луѓето ќе ги препознаат овие прашања и ќе направат вистински избор, бидејќи ние сме за вистинакиот пат, рече Димитров.
Директорката за Југоисточна Европа, Турција и ЕФТА при германското МНР Сузана Шутц, изрази очекување за позитивна одлука во март за старт на прегвоорите и дека новата методологија ги отстрани сомнежите на некои земји членки.
– Не сакам да гледам на реформите за владење на правото како ништо што се прави за добивање на препорака и задоволување на стандардите на некои еу членки, но тоа е нешто што е од интерес на сите граѓани. Тоа не е морковот, туку нешто што државата го прави сама за себе и граѓаните, нагласи Шутц.
Посочи дека луѓето од Запден Балкан не заминуваат во Германија само поради економски причини туку и поради корупцијата и несигурноста во инатитуциите.
Косовскиот министер за надворешни работи Глаук Конјуфца, рече дека ЕУ перспективата на регионот на Западен Балкан е многу важна за Косово, но дека знаат колку е важна и регионалната соработка.
– Пораката од случајот на С. Македонија е јасна и за нас, дека мора да постигнеме договор со Србија. Но, знаеме дека е неопходно да ги продолжиме и реформите бидејќи тие одат заедно за целосно интегрирање на регионот во ЕУ, рече Конјуфца.
Венди Мортон, заменик секретар во британското Министерство за европско добрососедство и Америка, рече дека делиме многу заднички безбедносни прашања.
– Велика Британија останува целосно посветена на владеење на правото во регионот на Западен Балкан и ќе продолжи со поддршка на интеграцискиот процес на земјите во ЕУ, нагласи Мортон.
Според Јосип Бркиќ, заменик министер за надворешни работи на БиХ, факт е дека има големи внатрешнополитички предизвици, но и многу прашања кои се прелеваат од соседните држави и регионот.
– За граѓаните на БиХ владеењето на правото и недостигот на доверба во институциите е главно прашање за граѓаните. Затоа го земавме примерот на С. Македонија и групата на Рајхарт Прибе за исцртување на неопходните реформски чекори за евроинтеграциите на земјата, истакна Бркиќ.
Сепак, посочи дека политиката не е вакуум и ако ЕУ не испорача во регионот тоа ќе го искористат други држави и региони.
– Новата ЕК мора да даде јасен одговор дали е можно проширување во нивниот мандат и да даде јасен одговор што откако БиХ ќе ги исполни сите реформи. Кога видовме дека по се што беше направено од Скопје и Тирана не беше исполнето очекувањето од ЕУ, тоа го отвори прашањето што ќе се случи откако БиХ ќе ги исполни сите тешки реформи. Верувам дека одлуката во март ќе има силна порака во земјите од регионот, изјави Бркиќ.
Гент Цакај, министер за Европа и надворешни работи на Албанија, рече дека Тирана донела многу законски реформи за борба против корупција и организираниот криминал, нагласувајќи дека тие реформи не ги прават за ЕУ туку за самите граѓани.
– Кога ќе бидете во ист однос како нас со ЕУ ќе видите дека е клучно процесот да е заснован врз заслуга. Затоа кога зборувам за исполнетите реформи верувам дека отворањето на преговори е клучна порака од ЕУ за регионот и за продолжување со реформите во Албанија, истакна Цакај.
Во однос на актуелниот проблем со мигрантите на грчко-турската граница, Темистоклис Демирис, генерален секретар при грчкото МНР, порача дека ова не е прва миграциска криза со која се соочуваме, но има нешто по што се разликува од досегашните искуства.
– Главна разлика е дека сега имаме масовен прилив со организиран карактер. Имаме ставови и изјави од Турција. Автобуси и притисок од армијата. Тоа е нешто ново. Сега имаме и поинакви луѓе кои доаѓаат. Многу мал дел се од Сирија, а многу доаѓаат од други региони, рече Демирис.
Посочи дека сега има добра соработка и поддршка од регионот, особено во хуманитарниот аспект на кризата.
Во пресрет на попладевената министерска средба, ќе биде одржана уште една панел сесија на тема: Поврзување, Економска конвергентост, Животна средина.