Сите сме во иста каша и сите еднакво патиме од тортурата, клиентелизмот и партизацијата, вели бившиот вицепремиер Никола Димитров.
Тој како вицепремиер и министер во владите на бившиот премиер Зоран Заев повеќе години имаше прилика да ја почувствува „партизацијата на власта“ седнат во највисоките фотелји на власта, но за клиентелизам не зборуваше кога неговата ќерка добиваше државна стипендија за да студира во странство.
Тогаш Димитров, исто така, немаше „патриотски набој“ кога се менуваше името на Република Македонија и се продаваше историјата до среден век, но денес како да е друга личност, полн со патриотски набој и со повици за пркосење на клиентелизмот и партизацијата.
Во продолжение неговата објава на неговиот профил на Фејсбук:
Партии или чудовишта?
Освен што прави длабока ерозија на образованието, на здравството, на правосудниот систем, освен што е многу тешко да се добие документ што законски ви следува без да се крене телефон или да се знае некој, освен штo е меѓу главните причини младите иднината и среќата да си ја бараат во други држави, партизацијата очигледно стана и безбедносен ризик.
Ако го поништат конкурсот за контролори на летање што го спроведувале Данци со исклучително реноме во областа, треба сите во раководството на Агенцијата да си дадат оставки. До еден.
Тоа што, како што пишуваат медиумите, и новиот шеф на обвинителството за борба против организираниот криминал, кариерата наводно ја почнал токму во овие агенции за цивилно воздухопловство (мека за партиските кадри, бидејќи платите се далеку поголеми во однос на другите институции) веројатно е само бонус на приказната.
Во меѓувреме, фактот што тројца од најдобрите кандидати се Албанци така добро им ги затвора устите на сите “мешетари” што крикот на граѓанинот против киднапираните институции сакаат да го прикажат како ќибритче за меѓуетнички оган.
Пријатели и сограѓани, сите сме во истата каша и сите како што гледаме еднакво патиме од тортурата на клиентелизмот, партизацијата и неспособноста.
Нема тука поштеден ни Македонец, ни Албанец, ни Ром, ни Турчин, ни Влав, ни Србин… чудовиштето не пребира.
Ни треба тотално ресетирање, од нула. Ни треба пркос и преземање на одговорност за сопствената и колективната судбина.
Да ѝ кажеме збогум на старата политика.
За да нѐ биде!