Како ретко кога во историјата сега се зависи од нас за нашата иднина. По 27 години го најдовме патот до Европа и како Македонци ќе влеземе во НАТО и како Македонци ќе чекориме во ЕУ, нагласи министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната трибина во центарот на Прилеп, пред Градскиот саат на трибината пред прилепчани насловена „Излези за европска Македонија“, нагласувајќи ги придобивките од влезот во НАТО и ЕУ.

– Ако успее овој процес, државата и институциите ќе бидат Република Северна Македонија. Државјанството ќе биде македонско, со коса црта граѓанин на Северна Република Македонија. Народот ќе биде – македонски, заедно со сите наши сограѓани кои се дел од другите народи. Јазикот ќе биде македонски. Ќе биде официјален јазик на 500 милиони луѓе. Досега со ЕУ немаме потпишано ниту една хартија со македонски јазик поради овој проблем. Затоа е афирмација. И мене не ми е пријатно што ова мораше да се реши за да го најдеме тој пат, ама во тоа е одговорноста. Како Македонци ќе влеземе во НАТО и како Македонци ќе чекориме во ЕУ. Минатото е важно, но не можеме да го смениме, туку само да научиме лекции, а иднината е таа која може да ја промениме, рече Димитров.

Според Димитров, придобивките за членството во НАТО за околу една година и во ЕУ се големи и значат соочување со проблемот, поглед во иднината и грижа за младите генерации како и патриотска храброст.

Димитров истакна дека членството ќе значи дека Македонија ќе биде предвидлива, стабилна и цврста држава, а инвестициите ќе растат. На пример, како што рече, Црна Гора, од 96 милиони евра инвестиции од јануари до јуни лани, годинава има 215 милиони евра инвестиции.

– Македонија може да успее ако ја направиме успешна. Младите луѓе мора да знаат дека овде може да се успее, а не во Германија, Италија, во Холандија. Тоа нема да биде лесно, ниту преку ноќ, главната работас ние треба да ја завршиме, но ќе го „фатиме возот и ќе ги имаме шините“. Знаеме дека сакаме европска Македонија, не сме таму, ама секој успех почнува со првиот чекор и со визија каде сакаме да бидеме во Европа со повисок стандард, повисоки плати, чесност, ефикасни судови, правда и еднакви можности, рече Димитров.

Како што истакна, за 30 септември нема никакви оправдувања, тој ден е влог во иднината на нашата држава, за нас и за нашите деца и родителите.

– Слушнав дека во партијата ДПНЕ немаат став. Тоа е бегање од одговорност, особено што станува збор за партија која од 2005 година вика за референдум. Сега имаме решение за проблемот, на маса е, има референ дум, а нема став. ДПМНЕ нема став, ќе видиме дали ВМРО има став. Ова прашање не е партиско, не е за Владата, ниту за Ссобранието, ниту за градските власти. Ова е прашање за државата и за сите нас, нагласи Димитров.

Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ова е историски момент во кој Македонија ќе се дели на два периода: на пред и после референдумот. Денеска е моментот кога мораме Македонија да ја направиме дел од европското семејство и семејството на НАТО.

– По 30 септември не очекуваат многу битки, за менување на нашиот начин на размислување, на начинот на живот, но заедно ќе дочекаме Македонија да биде дел од НАТО и од ЕУ. Како членка на НАТО, ќе гарантираме безбедност и трајно ќе го гарантираме територијалниот интегритет на Република Македонија, трајно ќе ги гарантираме границите на државата и најважно од се, ќе ги затвориме сите отворени прашања во овие 28 години, рече Спасовски.

По 30 септември, дополни, нема место за националромантичари во македонската политика, ниту место за луѓето кои ќе градат политика на штета на народот, зашто сите преку НАТО ќе ги гарантираме стабилноста и безбедноста. – НАТО значи и економија зашто сите сакаат да инвестираат во стабилни држави. Од кандидатскиот статус во НАТО се зголемени странските инвестиции. Се чувствува сигурноста за вложување на капиталот во земјата се најбитни. Мирот и стабилноста се најбитни. Македонија ќе ја отвориме кон светот, кон 500 милиони граѓани, а светот ќе го донесеме во државава и европските вредности кои се најважната вредност која ја добиваме во овој процес на интеграција, наведе Спасовски и додаде дека на Мицкоски и за ВМРО-ДПМНЕ не им бил спорен договорот, туку важна  им била амнестијата на Груевски и неговата компанија.

– Ако некој смета дека треба да уценува со излезност на референдумот за да се пазариме за амнестијата на криминалци, нема амнестија за никој. Ниту за тие што биле, ниту за тие што се сега на власт, зашто тоа е европска вредност. Затоа, Македонија со реализацијата на овој сон ќе застане на цврсти ноз, ќе се гарантира државноста, ќе изградиме систем, квалитетно здравство, развој на економијата, квалитетно образование, писмена нација која со знаење и со ум ќе ја гради Македонија, нагласи Спасовски.

Тој истакна дека ниту еден глас не може и не смее да биде злоупотребен. – Институциите функционираат да им обезбедат на граѓаните демократско право да носат одлуки. Никој нема право, ниту ќе има можност да го спречи демократското право на референдум на граѓаните и затоа им упатувам јасна порака на оние кои им се закануваат и ги залажуват граѓаните дека нема да го направат тоа и да не се залажуваат, смета Спасовски.

На трибината во центарот на Прилеп денеска за придобивките од членството во ЕУ и НАТО и за потребата да се излезе на референдумот на 30 септември говореа универзитетскиот професор Никола Дујовски и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.