Зошто воопшто за ова разговараме, ни рекоа вчера од Лисабон, изјави вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров на денешната прес-конференција.
Тој рече дека се работи за прилично несреќна изјава од министерката за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријас, која два дена пред завршувањето на португалското претседателство со ЕУ, рече дека „македонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот“.
– Вчера лично јас, Министерството за надворешни работи и министерот за надворешни работи имавме многу контакти со Лисабон, со претставници на Португалија, односно на португалското претседателство. Укажавме на оваа крајна несоодветност, која што, меѓудругото е наведена во владината изјава. Добивме уверување дека изјавата не го отсликува ставот на Лисабон, кој што останува на линија на португалскиот предлог и беше изразено жалење во оваа смисла. Од таму ни рекоа „зошто воопшто за ова разговараме“ затоа што во предлог-преговарачката рамка што излезе од Европската комисија во еден параграф се вели дека ќе биде целото европско законодавство за кое што зборуваме преку националната програма преведено на македонски јазик и дека земјата ќе треба да има доволен број на преведувачи во моментот за зачленувањето, рече Димитров денеска.