Иницијативата Отворен Балкан е комплементарна со европската интеграција. Отворен Балкан значи дека границите ќе бидат помалку значајни и дека ќе се искористи потенцијалот за зголемување на економскиот раст, кој со поголемата стабилност се аргументи во прилог на евроинтеграциите, изјави вицепремиерот Никола Димитров на новинарско прашањ на прес-конференцијата по состанокот на иницијативата Отворен Балкан, јави дописникот на МИА од Белград.
-Убеден сум дека иницијативата Отворен Балкан е комплементарна со европската интеграција, кажа Димитров одговарајќи на прашањето дали мисли дека Отворениот Балкан на некој начин е „затворена ЕУ“ за Македонија и Албанија, бидејќи на тие две земји им е блокиран датумот за почеток на преговорите со ЕУ.
Димитров посочи дека, за жал, тешко е да се најде земја што има полош, односно подобар пример од Македонија – за тоа што се случува кога ЕУ не ги исполнува своите ветувања.
-Тогаш европското гласачко ливче не станува атрактивно и граѓаните губат верба дека би можеле да имаат европска иднина, изјави Димитров.
Како што кажа, во последно време самиот себе се коригира дека не е фер да се критикува целата Унија, бидејќи проблемот на неговата земја е само со една земја членка.
-Во пакетот за проширување, Европската Комисија кажа дека одложувањето на процесот на интеграција со С. Македонија и Албанија го поткопува кредибилитетот на ЕУ во целиот регион. Но, тоа вето не е само вето на нашата европска иднина, туку и на европската политика на Балканот. Тоа е вето на македонското и бугарското пријателство, кажа Димитров.
Регионалната соработка, вели тој, е она што може да се направи во меѓувреме, додека чекаме ваквите прашања да се решат во ЕУ.
-Целта на европската интеграција е мојата татковина да стане посилна, регионот да стане посилен, за да имаме посилни демократии, поправедно општество и на тоа мора да работиме индивидуално. Влоговите стануваат се поголеми, но тие не се само наши и регионални, изјави Димитров.
Тој додаде дека ако ЕУ сака да стане глобален учесник, тогаш не смее да има неуспеси на локално ниво.
-Регионот е локален проблем. Ако не можат да дејствуваат овде, тогаш не можат да дејствуваат ниту глобално, оцени Димитров.