Неказнивоста и неспроведувањето на законите беа нотирани како главни проблеми во заштитата на животната средина на денешната јавна дебата насловена „Состојбите во животната средина – управување со отпад“ во организација на Државната комисија за спречување на корупција.

Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, во своето воведно обраќање ја посочи животната средина како сектор со приоритетни проблеми во борба против корупцијата.

– Сметаме дека акутен проблем со кој се соочува секторот животна средина е недоследно имплементирање на Законот за управување со отпад во делот на интегрираното и регионално управување со отпад. ДКСК утврди дека општинските јавни претпријатија се генерално во лоша состојба и неефикасни во управувањето со отпадот, посочи таа.

Ивановска дополни дека со оглед на тоа што Националната стратегија во својата суштина цели кон подобрување на животот на граѓаните и ослободување на општеството од стегите на корупцијата, неопходно е да обезбеди целосна поддршка на овој процес.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на дебатата сподели дека иако секторот за отпад се смета за гранка која што е исклучително ранлива, од причина што тоа претставува многу сложен систем, сепак во него изминативе години се вложени дополнителни напори, пред сè во донесување на законска регулатива, која пропишува многу построги правила во областа и го ограничува незаконското делување.

– Во оваа насока, со новото законодавство во делот на управувањето со отпад се поставени построги правила за следење на транспортот на отпад, зголемени се глобите, и се воведени построги мерки за контрола на субјектите кои управуваат со отпад и за самите создавач на отпад, рече Нуредини.

Според Нуредини, со новите закони ќе се направи подобра проверка и контрола.

– Тоа значи дека сите производители ќе бидат вклучени во процесот и тие ќе мора со Министерството и со Управата за јавни приходи да имаат договор за одговорности, со кој ние ќе ги знаеме количините на отпад на производителите и тие ќе мора да плаќаат цена која секоја година ќе се зголемува и после третата година оваа одговорност ќе ја земе Енергетската регулативна комисија, додека нема правен и ефикасен пазар за вакви цени, додаде Нуредини.

Сретен Стојковски, в.д. директор на Државниот инспекторат за животна средина, посочи дека иако Законот за управување со отпад е прв закон хармонизиран со европското законодавство од областа на животната средина, ние како држава се уште немаме поставено соодветен систем за управување со сите текови на отпад.

Дека загадувањето на животната средина може да се смета за хибридна закана, потенцираше Владимир Георгиев, член на ДКСК. Според него, тоа е феномен кој што произлегува од конвергенција, односно меѓусебно поврзување на различни елементи кои заеднички формулираат една посложена закана.

– Доколку загадувањето на животната средина е поврзано со корупцијата и со трговијата на влијание, исто така, се смета за хибридна закана, бидејќи самата корупција е поврзана со организираниот криминал, односно со загрозување на човековите права и владеењето на правото, тогаш навистина имаме сериозни причини за загриженост, посочи Георгиев.

Георгиев смета дека не се работи само за немање доволно свест за заштита на животната средина, туку, според него, се работи и за многу подлабоки причини во однос на остварување на корист, злоупотреба или преку трговија со влијание и корупција, неводејќи сметка за основните уставни човекови права – правото на здрава животна средина.

На јавната дебата учествуваа повеќе експерти, новинари, претставници на јавни претпријатија и институции, чии заклучни согледувања Државната комисија за спречување на корупција ќе ги достави до надлежните институции.