Во преработувачката индустрија висат 15.000 работни места доколку навреме не се донесе ребалнсот на Буџетот, алармираат од Организација на работодавачи.
Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи за МИА вели дека очекуваат пратениците во Собранието што е побрзо да го изгласаат ребалансот, бидејќи во него се предвидени средства за субвенции на платите на работниците за октомври, ноември и декември.
-Карен рок за нас е крајот на октомври или најдоцна до 10 ноември, кога веќе се прави октомвриската плата. Затоа партиите да ја остават политиката настрана и да почнат да размислуваат за стопанството, кое со душа ја чека помошта од државата, изјави Димитров.
Тој забележа дека здравствената криза и целокупната состојба воопшто не оди во прилог на текстилната и кожарската индустрија, бидејќи во моментов голем дел од компаниите се соочени со помал број на договори или воопшто не ги склучиле со странските партнери. Голем дел од странските компании не се одлучуваат да склучат договори, бидејќи во моловите, трговските центри и бутиците се уште како залихи стои стоката од минатата сезона, која не се потроши за време на карантинските месеци, почнувајќи од март.