Владата треба да му наложи на македонскиот производител на електрична енергија ЕСМ да ги продава ноќните вишоци на домашните компании, реагираат македонските бизнисмени по информацијата дека ЕСМ продава ноќни вишоци на трговци со струја, кои потоа ја продаваат струјата во Албанија.

Како што објави порталот Плусинфо, експерти сметаат дека не е спорна продажбата на ноќните вишоци на струја од ЕСМ, но велат дека е логично таа струја да завршува кај македонските компании, кои се соочуваат со енормно висок раст на цената на електричната енергија.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека ЕСМ ги продава ноќните вишоци на фирми блиски до власта кои потоа ја извезуваат струјата и ја делат заработката со власта.

Бизнисмените прашуваат зошто, кога се знае дека поради големите трошоци за струја дел од компаниите веќе го намалија производството, а некои ги затворија погоните, Владата не носи одлука ЕСМ овие вишоци да ги продава на домашните компании кои работат 24 часа во денот.

– Оваа струја може да се продава на нашите трговци со струја за потребите на домашните компании чие производство не запира, главно тешката метална индустрија, рудниците… Наместо да ја продава на трговец со електрична енергија кој извезува струја, може да ја продава на 4 компании кои имаат потпишани договори со домашните компании за снабдување со струја. Нашите договори за снабдување со електрична енергија се со променлива цена на енергијата, која достига и над 500 евра за мегаватчас, па секоја цена под оваа, а како што знаеме ЕСМ ја продава електричната енергија од 30 до 50 отсто поевтино, е добредојдена за компаниите, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Тој додава дека голем број компании, поради високите трошоци за струја, се принудени да го намалат производството, а некои веќе го запреле на неодредено време.