Шефот на дипломатијата во заминување, Никола Димитров објави на својот Фејсбук профил дека вчера за време на работната посета на Грција, во Атина имал средба со неговиот грчки колега Никос Дендиас.
-Разговаравме за добрите билатерални односи и можноста да ја исполниме новата страница на пријателство со конкретни проекти од заеднички интерес. Зборувавме и за нашата ЕУ иднина, актуелните прашања во регионот и во светот, со акцент на пандемијата и како да се справиме со предизвиците со кои сите се соочуваме, напиша Димитров.
За средбата се огласи на Твитер и шефот на грчката дипломатија, кој напиша дека со Димитров разговарале за соработката меѓу двете земји во борбата против Ковид-19, актуелните состојби во регионот, а при тоа му честитал и за изборот на пратеник во Собранието.