Околу 2.300 државјани на Македонија е бројката, кои досега се пријавиле и кои ќе треба да бидат во задолжителен државен карантин минимум 15 денови, а трошоците за тој карантин ќе бидат на товар на државата, информира министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната прес-конференција.
Тој потенцира дека нема податоци каква е нивната здравствена состојба и уште еднаш повтори дека не е време за патување во странство.
– Тие се пријавуваат по телефон, по и мејл, а главно барањето е како да си дојдат дома. Некогаш успеваме, во смисла на убедување каде слетуваат, ако е тоа некоја од нашите соседи, некогаш не успеваме, меѓутоа главното барање е тоа, одговори Димитров на новинарско прашање колку граѓани кои се во странство се обратиле и каква помош побарале.
На прашањето каде ќе бидат сместени по влез во нашата држава и дали има наши граѓани позитивни на вирусот во странство, шефот на дипломатијата одговори дека не е сигурен каде ќе бидат, рано е да се каже, меѓутоа, подвлече, има и државни објекти, има и хотели во приватна сопственост кои се понудени на државата за вакви ситуации. Битно е, истакна тој, да го подигнеме капацитетот за државен карантин, условите подобри за да го заштитиме здравјето на целото населени.
– Вчера е формирано работно тело. Ние ќе направиме се што може условите да бидат добри и да се грижиме за здравјето на луѓето што ќе ни се враќаат, храната, дезинфекцијата, чистењето, луѓето во државниот карантин ќе бидат еден до двајца во соба, меѓутоа не сум сигурен каде точно ќе бидат, рече Димитров.
На новинарско прашање дали сериозно се размислува за воведува полициски час, министерот Димитров се осврна на вчерашните упатства до МВР и АРМ во координација да направат оперативни планови во смисла на ограничување на движењето со цел да се спречи ширењето на вирусот.
– Според некои информации од Италија по воведување на такви мерки ширењето драстично паднало од 46 на 23 проценти. Во таа смисла, денеска во попладневните часови ќе имаме седница на Владата. Ќе имаме образложение од Комисијата за борба против заразни болести и ќе имаме претставници на врвните епидемиолози кои ќе не информираат од стручен аспект што тоа ќе значи и како тоа е најдобро да се организира. Но, да не прејудицирам одлуки на седница што се уште не е започната, рече на прес-конференцијата министерот за надворешни работи Никола Димитров.