Со анализа на цените на становите во секоја општина поединечно ќе се утврдува основата за пресметка на 20% попустот наменет за младите брачни парови, изјави Катерина Димитровска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Изминатава недела постојано говориме за новите мерки за младите брачни парови. Истите се очекува наскоро да бидат објавени, а во тек е и подготовката на законите од страна на Владата, во соработка со надлежните министерства. Се очекува законските решенија да се најдат пред пратениците во текот на месец декември, со цел да започнат да се применуваат од наредната година. Првиот закон се однесува на младите брачни парови, при што еден од партнерите треба да биде на возраст до 35 години. Тоа значи дека мерката се проширува и ќе овозможи купување станбена површина по цена која е за 20% пониска од просечната пазарна цена во претходната година – рече таа.

Вчера, додаде таа, претседателот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека веќе е направена анализа на податоците од Катастарот за првите три квартали од оваа година, врз основа на која ќе се утврдуваат цените за следната година.

Па така, на пример, во Општина Центар просечната цена на квадратен метар станбена површина изнесувала 1.915 евра, што со предвидениот попуст од 20 проценти би значело цена од околу 1.530 евра за метар квадратен. Во Општина Карпош, каде што просечната евидентирана цена изнесувала 1.386 евра за метар квадратен, со попустот цената би изнесувала 1.110 евра, додека пак во општина Аеродром, просечната цена изнесувала 1270 евра, а со попустот цената би била 1016 евра – појасни Димитровска.

Исто така, додаде таа, предвидено е секој инвеститор кој ќе побара дозвола за изградба на станбен објект да издвои 10 проценти од станбената површина за лицата кои ги исполнуваат условите утврдени со законот.

Димитровска појасни дека вториот закон предвидува ослободување од плаќање комуналии за младите брачни парови кои го исполнуваат предвидениот возрасен услов.

Со оваа мерка, која веќе се применува во дел од скопските општини, се предвидува можност за нејзино проширување на целата територија на државата, со што дополнително ќе се намалат трошоците и ќе им олесни на младите брачни парови процесот на решавање на станбеното прашање – рече Димитровска.