Измената на мерката која ја направивме заедно, на барање и во интерес на сточарите, дава резултат, рече денеска министерот за земјоделство Трајан Димковски.

– Минатиот месец во селото Логоварди беа набавени 159 јуници, а денеска сме сведоци на уште една набавка на 96 јуници во селото Соколарци во вредност од над 10 милиони денари. Ме радува фактот што носители на апликацијата се две жени кои се носители на земјоделски стопанства, што значи дека мерките за развој на земјоделството допираат и до руралните жени кои сéповеќе се охрабруваат да водат земјоделски стопанства, да аплицираат и да ги користат мерките од програмите, изјави Димковски.

Димковски, во придружба на директорот на Платежна агенција, Николче Бабовски и градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев го посети објектот во Соколарци во кој се сместени 96-те високостелни јуници со висок генетски потенцијал, набавени преку мерката 1.2.1 од Програмата за рурален развој.

Според Димковски, Министерството за земјоделство со своите политики овозможува прогрес во сточарството, млечната индустрија и економијата во целост.

-Јас лично и министерството со кое раководам, ги слушаме и ги почитуваме барањата и идеите за подобрување искажани од нашите земјоделци. Доказ за тоа е измената на мерката 1.2.1 која ја направивме заедно, на барање и во интерес на сточарите, за да можат да набавуваат добиток под нивни услови. Измената овозможи да се постигне огромен успех во набавка на 1529 грла, што е рекордно голем број на набавка на високостелни педигрирани јуници. Веќе ги гледаме резултатите на терен, напомена Димковски.