Заканата што кинеската Влада ја претставува кон Западот е „подрска и поштетна“ од кога било досега, рече Кристофер Вреј, директор на американското Федерално биро за истраги (ФБИ), обвинувајќи го Пекинг за кражба на американските идеи и иновации и за масовно хакирање операции.
Во синоќешниот говор во претседателската библиотека „Роналд Реган“, Вреј рече дека САД продолжуваат да ја гледаат Кина како најголема закана за долгорочната економска безбедност, дури и кога тензиите меѓу Русија и Украина се во фокусот на надворешната политика на САД, пренесува британскиот весник „Гардијан“.
Според него, ФБИ отвора нови случаи на секои 12 часа за да се спротивстави на кинеските разузнавачки операции, при што кинеските владини хакери крадат повеќе лични и корпоративни податоци од сите други земји заедно.
-Штетата од економската шпионажа на кинеската Влада не е само тоа што нејзините компании напредуваат на основа на нелегално стекнати технологии. Додека тие напредуваат, нашите компании и работници се туркаат во втор план, рече Вреј.
Кинеските владини претставници постојано ги негираа наводите на американската Влада, а портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон минатиот јули изјави дека Американците извршиле неосновани напади и изнеле злонамерни клевети за кинески кибер напади.