Во западниот дел на Мексико вчера е убиен уште еден новинар, јави весникот во кој работел, а тоа беше четвртото вакво убиство во земјата за помалку од еден месец.

-На колумнистот Роберт Толедо, кој работеше за нашиот онлајн весник, му пришле три лица и го застрелале, изјави во видео порака на Фејсбук директорот на весникот „Монитор Мичоакан“ ,Армандо Линарес, од градот Зитакуару, во западната мексиканска држава Мичоакан.

Линарес додаде дека членовите на уредничкиот колегиум со месеци наназад добивале смртни закани, што тој ги поврзал со известувањето на „Монитор Мичоакан“ за корупцијата.

-Откривањето на корупцијата на владите, функционерите и политичарите денеска резултираше со убиство на еден од нашите колеги, рече тој.

Мексиканскиот претседател го осуди убиството, објави портпаролот Хесус Рамирез на Твитер.

„Нема да дозволиме неказнивост. Да ја одбраниме слободата на изразување и правото на информирање, рече тој, додавајќи дека претседателот ќе работи со државните и локалните власти на разјаснувањето на случајот“, напиша Рамирез во името на пртетседателот Обрадор.

Според Репортери без граници, Мексико лани трета година по ред беше најопасната земја за новинарите во светот.

Според годишниот извештај на организацијата минатата година, седум лица биле убиени во оваа северноамериканска земја, а убиствата биле поврзани со работата што ја извршувале.

Авганистан е втор по ред, каде шест лица беа убиени од истата причина.

Во Мексико во последните пет години се убиени околу 50 новинари, но, за жал, повеќето случаи останаа нерешени.