Основното обвинителството на градот Урошевац соопшти денеска дека привремено одзело околу сто градежни објекти во областа Брезовица, на косовската страна на Шар Планина, поради сомневања дека се изградени на незаконски начин, со примање и давање мито, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според обвинителството, се смета дека објектите се изградени спротивно на Законот за Националниот парк „Шара“, како и на Просторниот план за Националниот парк „Шара“, кој е усвоен од Собранието на Косово.

„По налог на Државниот обвинител одземени се привремено околу сто градежни објекти, кои, според Обвинителството, се изградени со злоупотреба на службената должност…, со примање и давање мито, со што се деградира животната средина во оваа област, така што и објектите се резултат на споменатите кривични дела“, се наведува во соопштението.

Акцијата „Брезовица“ започна на 21 декември 2021 година и се води од обвинител од Основното обвинителство во Урошевац, во координација со Полицијата на Косово – Управа за тешки злосторства во Приштина.

Досега се уапсени неколку десетици осомничени и е запленета значителна сума пари, како и возила и друг имот.