Државната комисија за спречување на корупцијата денеска ќе одржи седница на која ќе постапува по приговорот на Гордана Силјановска Давкова, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а кој се однесува за кршење на изборните правила.

Според приговорот на Силјановска Давкова, доставен на 6 април до ДКСК, Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.

Во образложението на приговорот пишува дека Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) на 23 јануари 2023 година објавила оглас за прием на 130 слушатели за идни судии и јавни обвинители, а по претходно извршените тестови за странски јазик, психолошкиот тест и тестот за интегритет, на 29 март 2024 година АСЈО го објавила распоредот за полагање на квалификацискиот тест што би се спроведувал во периодот од 1 април до 5 мај годинава.

– Овој тест тековно го полагаат 299 луѓе што јасно укажува дека постапката за засновање работен однос е започната и истата не е ставена во мирување со што АСЈО ин флагранти ги прекршува Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик, пишува во приговорот на Силјановска Давкова.

Фото: МИА архива