Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернејшенел покажува дека, со освоените 35 индексни поени, Македонија стагнира во борбата против корупцијата, но едновремено бележи и пад од пет места на ранг листата на земјите.
Според методологијата, за оценката на Македонија користени се седум извори на податоци, а според моменталните расположливи информации пад е забележан во областите на владеење на правото и на човековите права и слободи, соопштува Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со перцепцијата на корупцијата на Транспаренси Интернејшенел.
– Она што навистина загрижува и што со години наназад се случува е недостигот на ефикасност во справувањето со корупцијата, иако декларативноста е секогаш високо изразена. Но за ефикасна борба покрај нормираниста и декларативноста неопходни се и адекватни ресурси на надлежните институции и надзорни тела и што е уште поважно, посветеност и проследување на случаите на корупција и судир на интереси. Влијанието на политиката, злоупотребите на службената положба и овластувања, непотизмот, клиентелизмот и кронизмот се сеуште широко распространети. Делувањето на ДКСК, покрај другите надлежности е особено насочено и во овие области кои се препознаени како високоризични и се дел од мерките утврдени во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, се вели во соопштението од ДКСК.
Нагласуваат дека за успешно завршување на детектираните случаи и надминување на воспоставените негативни состојби неопходна е и спроведливост на нејзините препораки, укажувања и иницијативи од страна на надлежните институции. Токму тоа е констатирано и препорачано и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот од 2020 година, нецедуваат од Антикорупциската комисија.