Во Собранието стигнал допис дека на судијката Добрила Кацарска и престанал судискиот статус поради пензионирање, потврдуваат од Собранието за ТВ 24.
Дека таков допис е пратен за известување за ТВ 24 потврдува и претседателката на судскиот совет Весна Дамева.
„Испратен е допис до Собранието за известување дека на судијата Добрила Кацарска и е престанат судискиот статус во Основен суд Скопје 1, по основ на пензионирање и во прилог е доставено и решението за пензионирање, вели Дамева за ТВ 24.
ТВ 24 повикувајќи се на извори пишува дека планот на мнозинството е поради оваа причина да биде разрешена Кацарска.
Од Уставен суд за ТВ 24 велат дека во отсуство на официјални информации за било каква иницијатива за престанок на мандат на судија на Уставниот суд нема да дава коментари. „Во Уставот во член 111 став 4 јасно се уредени основите за престанок на функција на уставен судија“, велат од Уставен суд.
Во тој член не е споменато пензионирањето како основ за престанок на функцијата уставен судија. Еве што пишува во него:
На судија на Уставниот суд функцијата му престанува ако поднесе оставка. Судијата на Уставниот суд ќе биде разрешен од должноста ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, што го утврдува Уставниот суд.
Наспроти ова, според дописот до кој дојде МКД.мк пишува дека според член 105 став 1 алинеја 7 од Уставот, Судскиот совет предлага двајца членови во Уставниот суд од редот на судиите.
„Имајќи во предвид дека со исполнување на условите за старосна пензија престанува судиската функција, а судиската функција е еден од условите за предлог на Советот и негов избор за судија на Уставниот суд, Ве известувам за донесеното решение“, пишува во дописот до претседателот на Собранието, Африм Гаши, потпишан од претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.