Американскиот дневен весник „Вашингтон пост“ денеска објави дека го поддржува демократскиот кандидат Џо Бајден на претседателските избори, што ќе се одржат на 3 ноември.

„Вашингтон пост“ во уводникот го оценува поранешниот потпретседател Бајден (77) како „исклучително добро квалификуван и кој по темперамент и искуство може да се соочи со колосалниоте предизвици“ во следните четири години.

Весникот во 2016 година ја поддржа демократската кандидатка Хилари Клинтон.

„Вашингтон пост“ наведува дека авторитаризмот е во нагорна линија во светот, а демократијата се повлекува, додека планетата е во опасност поради климатските промени, а сите тие кризи Трамп „ги создаде, зајакна или ги игнорираше“.

– За да го истераме најлошиот претседател на модерното време, голем број гласачи би можеле да бидат подготвени да гласаат за кого било, истакнува „Вашингтон пост“ оценувајќи оти изборите пред се се референдум за 74-годишниот Трамп.

Весникот потсетува на доаѓањето на Барак Обама и Бајден во Белата куќа во 2009 година во екот на економската и финансиската криза и улогата на американскиот потпретседател во преговорите помеѓу републиканците и демократите во Конгресот за планот за спас на економијата.

„Вашингтон пост“, што е во сопственост на Џеф Безос, истакнува дека Бајден е во состојба подобро да ги постави САД, како капиталистички конкурент на Кина и во исто време да воспостави меѓународни сојузи.

Досега „Чикаго трибјун“, „Лос Анџелес тајмс“ го поддржаа Бајден, додека „Њујорк тајмс“ се уште не се има изјаснето. Бајден доби поддршка и од умерените истакнати републиканци, како и од славните личности.