Годишната конфереција на Стопанската комора на северо-западна Македонија ги исфрли на виделина критичните точки на бизнисот кои влечат корени од поодамна, но за нив нема решение, објави ТВ Алфа.

Јавноста ги слушна, но само на албански јазик, на кој се обратија домаќините, но и владините претставници, пренесува ТВ Алфа. Клучниот проблем вo бизнисот се платите, но и работната сила. За да ги задржат работниците и да можат да делат повисоки плати бараат намалување и либерализација на меѓународниот пазар на труд.

– Бараме од Владата придонесите за минимална плата кои се високи и изнесуваат 47,5 отсто да се намалат на 32 отсто за да се зголеми минималната плата. Исто така бараме Владата да ја либерализира увозот на работна сила, бидејќи се работи за многу сложена и долга процедура, поради што голем дел од странските работници работат на црно. Бараме и зголемување на квотата на странски работници од 5 на 10 или 15 илјади работници годишно. Заедно со Владата треба да ја подготвиме повеќегодишната програма за професиите кои се потребни во државата, изјави Менди Ќура, претседател на стопанска комора на северо- западна Македонија.

Младите ја напуштаат Македонија не само поради платата туку поради преголемата вработеност по пат на партиска врска, лошите политики, тоа што не се цени квалитетот. Покрај тоа што е најкритично во туризмот и градежништвото, сериозен проблем е и во ИТ секторот, во државава годишно недостигаат 600 ИТ техничари.

Главниот проблем е превработувањето, се вработуваат луѓе со врски и политички определби што создава нервоза кај младите, рече Анета Антова Пешева, Претседател на Собрание на МАСИТ.

Претставниците на Владата ги слушнаа барањата и забелешките упатени на нивна адреса, но не одоговорија конкретно дали ќе се прифатат предлозите. Се пожалија дека и во државните институции им недостигале вработени во ИТ секторот. Како краткорочно решение, допрва ќе се работело на либерализација на пазарот и зголемување на квотите. Според Битиќи, во агенцијата за вработување имало регистрирано слободни работни места, ама нашите невработени граѓани не биле квалификувани за тие позиции.

– Ние имаме еден парадокс во Агенцијата за вработување има илјадници слободни работни места, а 115 илјади лица бараат работа. Овие невработени не се оспособени за професиите кои ги бара пазарот. Точно дека квотите за странски работници се ограничени на 5.000 годишно, но оваа мерка не може да биде долгорочно решение на проблемот потребно е недостигот да се реши со домашна работна сила, рече Фатмир Битиќи вицепремиер за економски прашања.

Инаку, годишно ни недостигаат 10.000 работници, најмногу во туризам и градежништво. Планот на Владата е да увезува работна сила. Годишната квота моментално е 5.000 странски работници, а до крај на март над 3.000 странски граѓани годинава добиле дозвола да работат во Македонија меѓу кои и работници од Непал и Пакистан.

Извор: ТВ Алфа