Европската Унија и Виетнам в недела ќе склучат трговска спогодба со која ќе се укинат речиси сите постоечки царински тарифи врз производите помеѓу двете страни.
– Ја поздравувам одлуката што ја донесоа денеска земјите членки на ЕУ. По Сингапур, договорите со Виетнам се вторите по ред меѓу ЕУ и земја од југоисточна Азија и претставуваат вовед во поголем ангажман меѓу Европа и регионот. Тоа е исто така и политички став на двајца партнери и пријатели кои се борат за отворена и фер трговија заснована на правила, изјави претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер на денешниот колеџ на еврокомесари.
Европската Комисија смета дека овој договор ќе донесе „бенефити без преседан“ за компаниите, работниците и потрошувачите од ЕУ и од Виетнам, и тврди дека трговскиот договор предвидува силна заштита на животната средина како и на работничките права.
Виетнам е вториот најголем трговски партнер на ЕУ во југоисточна Азија по Сингапур, а нивната трговска размена изнесува над 49 милијарди евра за производи и три милијарди евра за услуги.
– Многу сум задоволна што земјите членки ни дадоа зелено светло за нашата трговска и инвестициска спогодба со Виетнам, изјави еврокомесарката за трговија, Сесилија Малмстром и додаде дека освен економските бенефити, договорот има за цел да го зајакне почитувањето на човековите права, работничките права и на животната средина.
По Сингапур и Виетнам, Европската Унија има за цел склучување поопширни трговски спогодби со целиот регион од југоисточна Азија, познат како АСЕАН.