Јавниот долг на Македонија на крајот на 2018 година изнесува 5 милијарди и 202,2 милиона евра и претставува 48,5 отсто во однос на БДП, а државниот долг на Македонија на крајот на 2018 година изнесува 4 милијарди и 344,4 милиони евра односно 40,5 посто во однос на БДП.

Ова, како што соопшти владината прес-служба, е наведено во Годишниот извештај за управување со јавниот долг на Република Македонија за 2018 година што го усвои Владата на денешната седница и согласно член 27 од Законот за јавен долг треба да го достави до Собранието.

– Јавниот долг на РС Македонија на крајот на 2018 година изнесува 5 милијарди 202,2 милиони евра што претставува 48,5 отсто во однос на БДП. Државниот долг на РС Македонија на крајот на 2018 година изнесува 4 милијарди и 344,4 милиони евра односно 40,5 отсто во однос на БДП. Со ова ниво на државен долг, РС Македонија и понатаму останува умерено задолжена земја со државен долг кој е далеку понизок од просечното ниво на долг на земјите на ЕУ, кој на крајот на 2018 година изнесува 80,8 отсто, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Оттаму велат дека годишниот извештај за управувањето со јавниот долг има за цел поблиску и на редовна основа да ги информира Владата и Собранието и да ја запознае јавноста со карактеристиките на должничкото портфолио на Македонија, како и со преземените мерки за негово ефикасно управување во текот на минатата година.