Во Тирана е потпишан договор за енергетска безбедност вреден 6 милијарди долари во присуство на премиерот на Албанија, Еди Рама, и амбасадорката на САД во Грција, Кимберли Гилфојл.
Договорот беше потпишан помеѓу албанската компанија „Албгаз“ и две големи меѓународни компании, едната американска, а другата грчка.
Документот предвидува развој на Енергетскиот центар во Валона и рамковен договор за снабдување со течен природен гас, како важни чекори кон диверзификација на изворите на енергија и зајакнување на енергетската независност, во тесна соработка со САД, како и интеракција со Грција.
-Во Тирана за да ја унапредиме енергетската агенда на претседателот на САД и да му се придружиме на премиерот Еди Рама за да учествуваме на церемонијата на потпишување на историски договор помеѓу Албанија, Venture Global и Aktor LNG USA за 20-годишен договор за американски течен природен гас, објави американската амбасадорка.
Според неа проектот ја зајакнува енергетската и националната безбедност низ целиот регион.
„Кога САД, Албанија и Грција соработуваат, овој регион е поповрзан, побезбеден и попросперитетен, оценила амбасадорката Гилфојл, споменувајќи го претседателот Трамп како „страствен поборник за енергетска безбедност“.
Министерот за енергетика и инфраструктура на Албанија, Енеа Какарачи, за време на церемонијата на потпишување на договорот, вчера доцна попладне, изјавил дека партнерството со САД одразува заедничка визија за изградба на безбедна и одржлива енергетска иднина.
-Централен столб на оваа визија е развојот на Енергетскиот центар во Валона, кој е проект со повеќе компоненти што ќе ја редефинира улогата на Албанија на оваа енергетска мапа, оценил тој, објавија медиумите денеска.




