Францускиот претседател Емануел Макрон телефонски разговарал со американскиот претседател на кого му го нагласил значењето на договорот за нуклеарно оружје од периодот на Студената војна, за кој Трамп најави повлекување на САД.

– Претседателот на Републиката го истакна значењето на овој договор, особено за европската безбедност и нашата стратешка стабилност, стои во соопштение од Кабинетот на францускиот претседател.

Макрон и Трамп разговарале и за смртта на саудискиот новинар Џамал Кашоги и за ситуацијата во Сирија.

И Кина денеска ја оцени како „погрешен потег“ одлуката на Соединетите Американски Држави за еднострано повлекување од значајниот договор од времето на Студената војна со кој од Европа беа елиминирани нуклеарните ракети.

Кина е против тој чин, соопшти портпаролката на Министерството за надворешни работи Хуа Чуњинг, на редовна прес-конференција.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека САД ќе се повлечат од Договорот со Русија за ликвидирање на ракети од среден дострел, затоа што, како што рече, Москва ја прекршува спогодбата.

– Русија го крши Договорот. Тие го кршат со години. САД нема да им дозволат и натаму да го кршат нуклеарниот договор, изјави Трамп на митинг во градот Елко во американската сојузна држава Невада, во пресрет на изборите за Конгресот на САД на 6 ноември.

Договорот е склучен во 1987 година меѓу САД и тогашниот Советски Сојуз, чиј правен наследник е Русија. Договорот го потпишаа тогашниот американски претседател Роналд Реган и последниот советски лидер Михаел Горбачов. Со него се предвидува забрана за производство, тестирање и распоредување на нуклеарни и конвенционални ракети со дострел од 500 до 5.500 километри што се лансираат од земја