Во музејот „Стерјо Спасе“ во селото Глобочени, Општина Пустец, се одржа промоција на книгата „Прогонот на Македонците од преспанското село Горна Горица (1924–1933)”, од авторот Васил Стерјовски.
Пред присутните за значењето и научниот придонес на книгата говореше Ефтим Митревски.
– Делото на Стерјовски е од огромна важност бидејќи претставува значаен историски запис за страдањата на Македонците од Горна Горица и вреден придонес во зачувувањето на историската меморија за настаните од меѓувоениот период, рече меѓу другото Митревски.

Во своето обраќање, авторот Васил Стерјовски ја претстави содржината на книгата, истражувачкиот процес и архивската документација врз која се темели изданието.
-Книгата има за цел да ја расветли судбината на Македонците од Горна Горица, кои во периодот од 1924 до 1933 година биле изложени на прогон, притисоци и присилно иселување, оставајќи трајни последици врз македонското население и регионот, нагласи авторот.
Книгата има особено значење за македонската заедница во Албанија, бидејќи претставува документарно сведоштво за судбината на Македонците од Преспанскиот регион и придонесува за зачувување на нивната историска меморија, национален идентитет и културно наследство.
Преку архивски документи, сведоштва и научен пристап, делото отвора простор за подлабоко разбирање на историските процеси што го обликувале животот на Македонците во пограничниот регион и претставува значаен извор за идните истражувања на историјата на Македонците во Албанија.

На промоцијата присуствуваа и членови на Форумот за човекови права на Македонците со потекло од Егејска Македонија од Скопје, кои со своето присуство дадоа поддршка на ова значајно издание и на напорите за зачувување на историската вистина и колективното сеќавање.
Промоцијата помина во атмосфера на интерес и плодна дискусија, при што беше нагласено дека истражувањето и објавувањето на вакви дела претставува важен придонес не само за македонската историографија, туку и за афирмацијата на историското наследство на Македонците во Албанија, како нераскинлив дел од нивниот национален и културен континуитет.
Фото: Стерјовски




