Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола (УКЛО) информира дека е рангиран во THE Impact Rankings на реномираната британска куќа Times Higher Education (THE), единственото глобално рангирање што го мери придонесот на универзитетите кон 17-те Цели за одржлив развој на Обединетите нации (SDG17).

Според објавените резултати, УКЛО е рангиран во опфатот од 1001–1500 место на глобално ниво, со особено истакнати резултати, кај целите на одржлив развој, потоа достоинствено вработување и економски раст, и мир, правда и силни институции.

Од УКЛО Битола појаснуваат дека за разлика од традиционалните светски рангирања, кои го оценуваат академскиот престиж и истражувачката моќ, THE Impact Rankings го мери реалното општествено влијание на универзитетите — нивниот придонес кон одржливоста, инклузијата, климатската акција, квалитетното образование и партнерствата за развој.

Рангирањето во THE Impact Rankings има посебно значење за УКЛО поради неговата мисија како регионален универзитет длабоко вкоренет во заедницата, овозможува УКЛО како универзитет со изразено општествено и регионално влијание да се истакне на глобалната сцена според конкретни, мерливи резултати.

Најновиот меѓународен успех на УКЛО е резултат на објективно меѓународно потврдување на улогата што УКЛО ја има во развојот на југозападниот регион — преку образованието, соработката со локалните заедници, институции и стопанството, и придонесот кон одржлив, инклузивен развој, посочија од битолскиот Универзитет.

Фото: УКЛО