Македонија официјално го презеде командувањето со Балканските медицински наменски сили (БМНС) и позицијата „рамковна земја“ за период од следните две години.

Преземањето беше одбележано со примопредавање на знамето на БМНС на свечена церемонија во Командата на БМНС, во касарна Илинден – Скопје, со што должноста премина од досегашниот – Командантот на српските воени сили полковникот Вељко Милиќ на новопоставениот командант на БМНС – македонскиот полковник Драганчо Војнески.

На церемонијата присуствуваа началникот на Генералштабот на Армијата на Македонија, генерал-мајор Сашко Лавчински, генерали, шефови на делегации, офицери, подофицери, како и заменик-министрите за одбрана на Македонија и Албанија, амбасадори и членови на дипломатскиот кор.

Заменик-министерот за одбрана Адмир Шабани, обраќајќи се на свеченоста, истакна дека преземањето на оваа улога доаѓа во време на засилени потреби за регионална соработка и координација, особено во областа на справување со кризи и здравствени предизвици.

-Во време кога безбедносните ризици стануваат се покомплексни, а природните катастрофи, здравствените кризи и хуманитарните предизвици не познаваат државни граници, ниту една земја не може сама да ги изгради сите потребни капацитети. Токму затоа Балканските медицински наменски сили претставуваат пример како преку здружување на знаењето, ресурсите и способностите може да изградиме систем кој е посилен во збирот од неговите поединечни делови – порача Шабани.

Шабани нагласи дека за нас оваа иницијатива има особено значење, бидејќи сме меѓу земјите кои ја препознаа вредноста на оваа идеја уште од самиот почеток и со гордост сме домаќини на Постојната организација од нејзиното воспоставување во 2016 години, а денеска, десет години подоцна можеме да кажеме дека Скопје не е само седиште на Балканските медицински наменски сили, туку е место каде се градат партнерствата, се споделуваат искуства и се развиваат способости кои придонесуваат за безбедноста на целиот регион.

-Изборот да бидеме земја домаќи на Постојната организација претставува признание за нашата улога како доверлив партнер, како држава која верува во дијалогот, соработката и заедничките решенија. Ова не е само чест, ова е голема одговорност да продолжиме да ги развиваме мултинационалните медицински способности, да обезбедиме квалитетна обука, современа опрема, интероперабилност и висока подготвеност на единиците за сите мисии и задачи кои може да произлезат во иднина – изјави Шабани.

Новопоставениот командант на БМНС, полковник Драганчо Војнески, порача дека Балканот има единствена историја, но БМНС веќе десет години стојат како моќен пример за она што може да се постигне преку доверба, дијалог и практична соработка.

-Во изминатите десет години, БМНС станаа симбол на доверба, соработка и заедничка цел во нашиот регион. Заедно ќе продолжиме да ги зајакнуваме, осигурувајќи дека ќе останат подготвени да им служат на идните генерации и да одговорат на предизвиците на утрешнината. Ја прифаќам оваа одговорност со гордост, понизност и длабоко чувство на должност. Заедно ќе продолжиме да градиме посилни БМНС – сили кои им служат на нашите нации, ги зајакнуваат нашите партнерства и стојат подготвени да се соочат со предизвиците на иднината – порача Војнески.

Како командант на БМНС, Војнески нагласи дека негов приоритет ќе биде да ги зачува и надгради достигнувањата од минатото, истовремено подготвувајќи ја организацијата за предизвиците на иднината.

-Ќе продолжиме со зајакнување на медицинската подготвеност, унапредување на мултинационалната интероперабилност, инвестирање во професионалниот развој и истражување на нови можности за медицинска соработка со нашите партнери и меѓународни организации. На нашите земји-членки, партнерски земји и организации кои нè поддржуваат, ја потврдувам мојата посветеност на отвореност, соработка и заемна почит. Заедно ќе продолжиме да ги зајакнуваме партнерствата кои го направија БМНС модел за регионална соработка и важен чинител во меѓународниот мир, безбедност и хуманитарна помош – нагласи Војнески.

Командантот на српските воени сили полковникот Вељко Милиќ, во своето поздравно обраќање, изрази благодарност за укажаната доверба и чест како командант на БМНС соодветно да ја заокружи својата професионална кариера и како лекар и како офицер, упатувајќи најдобри желби на неговиот наследник, полковник Драганчо Војнески.

-Силно сум уверен дека неговото богато искуство, професионализам и посветеност дополнително ќе ја зајакнат работата на Постојаната организација и во голема мера ќе придонесат за континуираниот успех на целиот БМНС – порача Милиќ.

Во своето обраќање, Милиќ нагласи дека Постојаната организација на БМНС во Скопје, веќе една деценија ги координира активностите за колективна обука на воено-медицинските служби ширум регионот, учествува во бројни воени вежби низ Балканот и овозможи напредна професионална едукација преку медицински курсеви спроведени од Воено-медицинскиот центар на НАТО.

-Денес, БМНС прерасна во меѓународна организација со дипломатски статус. Јадрото на оперативната способност е Теренската болница од ниво 2Б, која брои до 100 лица персонал. Оваа единица е составена од висококвалификувани и посветени медицински професионалци од шест земји учеснички, опремена со најсовремена медицинска опрема набавена преку дарежливата поддршка на нашите долгогодишни партнери – Кралството Норвешка, Соединетите Американски Држави и Европската Унија – порача Милиќ.

Амбасадорката на Норвешка, која е голем поддржувач на БМНС, Кристин Мелсом, истакна дека во основата БМНС не се класична воена структура, туку симбол на доверба и платформа за меѓусебна поддршка.

– Норвешка останува посветена на поддршката на оваа иницијатива и ќе продолжи со обезбедување експертиза, тренинг и партнерство во развојот на капацитеите на БМНС – изјави Мелсом, додавајќи дека БМНС функционираат врз принцип на ротирачко претседателство и сепак зависат од посветеноста на земјите членки.

Со денешното примопредавање, Македонија ја презема и улогата „рамковна земја“, додека претседавањето со Управниот одбор на БМНС преминува во рацете на Словенија.

БМНС е регионална воено-медицинска иницијатива составена од шест земји:  Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Словенија и Црна Гора, додека Норвешка и САД се земји поддржувачи.

Балканските медицински наменски сили годинава одбележуваат 15 години од иницијативата за нивно формирање и 10 години од воспоставувањето на постојаната организација со седиште во Скопје.

Свеченоста ја потврди важноста на регионалната соработка во унапредувањето на медицинските капацитети и заедничкото справување со хуманитарни и здравствени предизвици.  (МИА)