Пишува: Блаже Миневски
Специјалниот архив на Јосип Броз Тито, или како што официјално се нарекува Архивот на Претседателот на Републиката, веќе е отворен и ставен на користење на научната јавност. Полни три децении историчарите го очекуваа овој момент, знаејќи дека станува збор за документи на човекот кој ја создаде и безмалку 40 години управуваше со државата Југославија. Една од причините што тоа е направено дури сега секако е и потребата од историска дистанца од неговата смрт во 1980 година, но не треба да се заборави и тоа дека обработката на архивските материјали е бавна и макотрпна работа која не може да се сработи наеднаш за да може непречено да му се стави на располагање на истражувачот. Според проф. д-р Новица Велјановски, прв македонски историчар кој влезе и имаше увид во документите од Кабинетот на Тито, и тој самиот, по истражувањето во овој Архив, морал да промени некои од своите ставови за НОД и повоениот период. Првичните истражувања, смета тој, не беа доволни за да се оствари целосен увид, но беа доволни да се направи избор на најзначајните документи кои на македонската јавност се уште не и се познати.
Документи од посебно значење за Македнија
Во секој случај, станува збор за мошне значајни документи, кои, создавани во Кабинетот на Претседателот на Југославија и не само низ таа функција, фрлаат светлина на многубројните проблеми што ја потресувале државата. Тука се многубројните проблеми во партијата, во меѓународните односи, во односите меѓу републиките и федерацијата, меѓу самите републики и покраини и редица други прашања. За македонската држава како нов балкански политички субјект, документите се од посебно значење зашто станува збор за етаблирање на првата држава на македонскиот народ во југословенската федерација или, да се изразиме фигуративно, за нејзиното проодување и преболување на детските болести. Притоа, истражувајќи во Архивот, вели македонскиот историчар, издвоив 69 документи од периодот 1943-1953 година, всушност најзначајниот период од историјата на Р. Македонија по Втората светска војна, односно периодот на нејзиното конституирање и функционирање како нова држава на Балканот, а во рамките на југословенската федерација. Ги избравме оние документи што го потврдуваат напорите за конституирање на македонската држава и државност, но и документи од кои може да се видат отпорите кои биле присутни во југословенскиот врв, како и во соседните земји против создавањето на Македонија како посебна држава, односно како нов балкански субјект. Станува збор за документи што минувале низ Титовиот кабинет, значи документи во кои Тито имал директен увид, подвлекува д-р Велјановски, автор на обемната книга со седумдесеттина документи од Архивот на Тито.
Дилеми за изгледот на југословенската федерација!
Според него, како што вели во збирката документи, Првото заседание на АВНОЈ е доста контроверзен настан. За време на одржувањето на ова заседание 26 и 27 ноември 1942 во Бихаќ, кога се прогласени основните документи, (Резолуцијата за создавање на АВНОЈ, Резолуцијата за организацијата на АВНОЈ и Прогласот до југословенските народи), НОБ во Македонија се одвива со големи тешкотии. Тоа е една од причините што на него не присуствува делегација од Македонија, но веројатно треба да се побараат и други. Сепак, вели тој, мислам дека не постојат политички причини во смисла на тоа дека на Македонија не е сметано како на конститутивен елемент на федерацијата. Во досегашните историски истражувања е утврдено дека, поради потребата од брзо свикување на АВНОЈ, поканите за седницата не се испраќани по некој однапред утврден ред или пак според некој претходно подготвен список на оние што треба да бидат поканети. Поканите Тито лично им ги испратил на одделни лица кои се нашле во реонот на Бихаќ за кои тој сметал дека може да присуствуваат. Се уште не постоел некаков национален клуч па затоа на седницата се нашле луѓе со различна национална припадност и без усогласеност на националниот состав. Бројот на повиканите бил во очигледна несразмерност со бројот на населението на идните републики. Биле изоставени цели региони како на пример Словенија, Македонија, Космет, Војводина. Сметаме дека Титовата преокупираност по секоја цена да се основа АВНОЈ, била главната причина за конфузијата околу свикувањето на АВНОЈ, а не постоењето на некаков Титов став Македонија да не биде конститутивен елемент на југословенската федерација. Некои од неговото опкружување, веројатно имале такви идеи но тие идеи не биле јавно пласирани.
Иако, според документите, Тито имал дилеми за изгледот на федерацијата, сепак инсистирал одржувањето на Второто заседание на АВНОЈ да биде што побргу. За тоа постоеле повеќе причини. Меѓу другото Второто заседание било исфорсирано поради односот на владата на Кралството Југославија во Лондон, и односот на кралот, кои не сакале да ги признаат придобивките на НОБ во Југославија. Тие во јуни 1943 објавиле декларација со која го признале само постоењето на трите нации, т.е. Србите, Хрватите и Словенците. Таму Македонија е третирана како составен дел на Србија, а Македонците како Срби. Иако признатите нации на Второто заседание на АВНОЈ му изјавуваа верност на југословенското национално единство, сите тие истакнуваа некои свои посебни барања. Од страна на Србите беше барано обединување на сите Срби, вклучувајќи го и делот на Вардарска бановина, односно Македонија. Претставниците на Хрватска бараа формирање на посебна држава Хрватска во границите од 1939 година утврдени како бановински граници. Затоа веројатно Тито брзал со Заседанието во Бихаќ, со цел овие одделни барања да не ја пореметат неговата основна идеја за формирање на федеративна држава и покрај тоа што се барало таа повторно да се конституира како унитарна држава со трите признати нации. Со намера да ги осуети плановите на кралот и владата во бегство, Тито брза да се одржи и Второто заседание на АВНОЈ, односно да се избере Националниот комитет за ослободување на Југославија како нова југословенска влада или како што сам пишува поради донесување на значајни одлуки.
Во поканите за Второто заседание на АВНОЈ ги нема Босна и Косово!
Својата иницијатива дадена на почетокот на ноември 1943 година за свикување на Второто заедание на АВНОЈ и основање на НКОЈ, како прва влада на нова Југославија, Тито ја образложил со „итна меѓународна потреба“. Тој наложил со телеграма таа иницијатива да им се упати на Србија, Црна Гора, Санџак, Војводина, Хрватска, Словенија и Македонија. Останува нејасно зошто во таа иницијатива ја нема Босна и Херцеговина, која, подоцна, на Второто заседание на АВНОЈ, сепак стана федерална единица на нова Југославија. Исто така Косово и Метохија во првобитните размислувања воопшто не се споменува, но подоцна е утврдена најпрво како автономна област а подоцна и покраина во составот на Србија. Тоа потврдува дека Тито на почетокот немал сосема јасна концепција кои федерални единици треба да ја сочинуваат федеративна Југославија, кои треба да се прогласат за автономни области односно покраини во составот на тие федерални единици, така што допуштил тоа прашање да се решава попатно и во зависност од влијанието на одделни негови соработници од одделни региони на тогашана Југославија.
Факт е дека спомнатата иницијатива, од досега непознати причини, не била примена во Македонија, односно во Главниот штаб на НОВ и ПОМ, или во ЦК на КПМ, кој веќе бил формиран во март 1943. Поради тоа во Македонија не ретко се поставуваше прашањето дали таа иницијатива воопшто и била испратена на Македонија. Во македонската историографија недобивањето на таквата Титова иницијатива е толкувано на разни начини, до тоа дека намерно од страна на Тито не е допуштено иницијативата да и се испрати на Македонија со цел таа да биде изоставена како конститутивен елемент на југословенската федерација. Се разбира дека тоа не може да биде прифатливо. Но, дека во испраќањето на иницијативата на терен во Македонија е направен намерен или ненамерен прекин на врската се уште треба да се истражува. Во оваа смисла не е разјаснето и прашањето зошто Тито одбил кон крајот на 1943 година, односно по одржувањето на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944), да прифати во НКОЈ претставник од Македонија. Нему за член на НКОЈ од Македонија од страна на Светозар Вукмановиќ-Темпо, инаку Титов делегат во Македонија и човек од доверба, во 1943 година му бил предлаган Методија Андонов-Ченто, кој подоцна е избран за претседател на АСНОМ. Тој факт донекаде е толкуван како Титова опструкција кон македонските кадри наводно поради незабележително учество на Македонија во НОД. Се шпекулирало и со тоа дека немал добра комуникација со Ченто уште од приемот на македонската делегација на Вис во јуни 1944 и наводно Чентовиот тврд став за решавање на македонското национално прашање, односно прашањето за обединување на македонскиот народ со деловите во Грција и во Бугарија, односно со Егејска и Пиринска Македонија.
Работното тело – упад во асномските решенија!
Во јануари 1945 година, со специјална, тајна мисија за дефинитивно изолирање и отстранување на претседателот на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов -Ченто, во Скопје доаѓа д-р Дарко Чернеј, началник на одделението за изградување на народната власт при НКОЈ. Во извештајот што го испраќа од кабинетот на Колишевски, меѓудругото стои: „На 8.1.1945 г. отпатував од Белград. Во Скопје стигнав на 9.1. вечерта и уште истата вечер стапив во контакт со другарот Лазар Колишевски, на кого му го предадов придружното писмо. На 10.1. претпладне, другарот потпретседател Лазар Колишевски ме запозна со дел од членовите на Президиумот на АСНОМ. Попладнето ја почнав работата во Поверенството за изградување на народната власт, основано дури по Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 година. На чело на поверенството повереник е Никола Минчев, стар 29 години, учител, подоцна банкарски службеник, роден во Кавадарци, кој веќе работел како политички работник на теренот. Негов помошник е Томо Лазаров, стар 35 години, адвокат, роден во Битола, кој досега работел во ОЗНА…
Колишевски да ги решава тековните работи без Ченто?!
Во разговорот со членовите на Поверенството за изградба на народната власт и со потпретседателот на Президиумот на АСНОМ, другарот Лазар Колишевски, го поставив предлогот дека треба пред се да се изврши нова административна поделба на Македонија, односно од три би се преминало на 6-8 окрузи, а со тоа би се остварил непосреден контакт на повисоките органи на народната власт со теренот и со тоа би му се приближила власта на народот, значи власта би се демократиззирала. Таквата поделба би создала од сегашна Македонија, а евентуално и од проширената Македонија, похомогена целина, а со тоа би користела за создавање и зацврстување на македонската националана свест. Конечно, таквата поделба би ја сообразила административната структура на Македонија со структурата на другите федерални единици на Југославија.
Поверенството за изградување на народната власт во најкусо време ќе изгради предлог за административната поделба на Македонија врз основа на образложените начела, кој предлог потоа би можел да му се предложи на Президиумот на АСНОМ за донесување на одлука.
Во разговорот со членовите на Поверенството за изградување на народната власт и со потпретседателот на АСНОМ, другарот Лазар Колишевски, ја дадов следната сугестија: „Дел од поверениците почесто да се повикуваат на заедничка седница, како потесно тело, а на тие седници, под претседатеелство на потпретседателот на АСНОМ, Лазар Колишевски, да ги решаваат сите тековни работи…“
Ова таканаречено „работно тело“ на Президиумот на АСНОМ го сочинуваат Лазар Колишевски, еден од секретарите и дел од поверениците на Президиумот, со што во суштина значително е ограничена власта и влијанието на претседателот на Президиумот, Методија Андонов – Ченто. Дејноста на „работното тело“, како што пишува д-р Вера Весковиќ- Вангели во предговорот на збирката записници од заседанијата на Президиумот на АСНОМ од август 1944 до 28 мај 1945, го исполнува временскиот период меѓу Второто и Третото заседание на АСНОМ. За неполни три месеци, „работното тело“ на чело со Колишевски, одржало пет седници на кои се донесени и усвоени шеесетина решенија, одлуки, правилници и други акти од областа на изградбата на власта, за стопанството и обновата на земјата, за финансирање и монетарниот систем, акти за платите на чиновниците и државните службеници, одлуки од областа на просветата, културата, школството, решенија за социјалната политика и здравството, а донесени се и бројни акти од областа на работничкото законодавство, одлука за ревизија на станбениот фонд итн.
Според д-р Новица Велјановски, иако ова таканаречено „работно тело“ не било замислено како орган, сепак се претворило во орган кој презел повеќе ингеренции од ингеренциите што му припаѓале на Президиумот на АСНОМ. Овој документ, односно извештај на специјалниот пратеник на Тито и Кардељ, ексклузивно потврдува дека акцијата за отстранување на Ченто почнала уште во јануари 1945 година, но Ченто, борејќи се со паралелната власт што ја контролирал Лазар Колишевски со поддршка на Тито, оставката од фукцијата претседател на Президиумот на АСНОМ ја поднесува една година подоцна, на 14 март 1946 година. Само четири месеци подоцна, на 14 јули Ченто е уапсен, а за апсењето во јавноста ќе се дознае дури на 31 јули 1946 година. Следниот месец веќе е покренато обвинение против него, а три месеци подоцна, на 19 ноември 1946 почнува процесот, кој траел само три дена, односно на 21 ноември Ченто е осуден на 11 години затвор. Со тоа всушност е завршена елиминацијата на првиот претседател на Македонија, кој барал во уставот на Југославија да влезе правото на републиките на самоопределување и отцепување, а пред тоа отворено се противел, на пример, македонскиот 15-ти корпус да оди на Сремскиот фронт, залагајќи се за обединување и поголема самостојност на Македонија, поголема финсиска независност и сопствен буџет. Се разбира, „другарите“ од Белград не можеле да му простат ни за тоа што се спротивставувал на одлуката за враќање на имотот на избеганите српски колонисти и слично.
Тито му ја предава целата власт во Македонија на Лазар Колишевски!
Во меѓувреме „работното тело“ подготвува терен за преземање на власта без да се почитуваат принципите на АСНОМ, па Колишевски, со поддршка и знаење на Тито, веќе се подготвува за таа улога и на 16 април 1945 година формира влада на чие чело ќе остане до 1953 година. Во своето прво обраќање пред народните пратеници меѓудругото ќе рече:„Пред да ја составам листата на нашата влада, разменив мисли со многу другари и членови на фронтот. Така, разменувајќи ги мислите со ним најдов, дека тие другари наполно ќе одговорат во составот кој денеска го вигјате пред нас. Гледав да во новата влада бидат застапени по возможност сите малцинства и како што гледата се застапени. Втор потпредседател на владата е Турчин, Абдурахман Ахмедов, како министер за социјална политика Неджат Аголи, албанец, како представител на албанското малцинство. Во владата влезе и д-р Попадиќ. Тој не само што е Србин, туку е и активен борец во нашите партизански одреди и веќе десет години живее во Македонија, така да е наполно запознат со битот и животот на нашиот народ“, додавајќи дека „политиката на правителството ќе биде насочена и кон това да можат да се приобштат кон новата власт сите тие елементи кои до сега стоеле на страна и не зеле участие во изградуенјето и подршката на нашата власт. При тоа требе да се има вид дека ние нема да правиме никакви отстапки и никаков компромис на штета на широките народни маси, кои стварно дадоа во таа борба и денес проливат крвта за ослободувањето“. Бидејќи Ченто фактички веќе е тргнат од власта, Колишевски составува влада со претседател, два потпретседатели и 10 министерства. Претседател на владата е Лазар Колишевски прв потпретседател и министер за финансии е Љупчо Арсов, а Кирил Петрушев е втор потпретседател и министер за внатрешни работи. Министер за просвета е Абдураим Мехмед министер за правосудство е Павел Шатев, а министер за индустрија и рударство е Страхил Гигов. Министер за трговија и снабдување е Тоде Ношпал, за земјоделство и шумарство Богоја Фотев, министер за народно здравје – Вукашин Попадич, министер за социјална политика е Неџат Аголи а за градежништво Георги Василев. Една година подоцна била извршена ротација на неколку министри од претходниот состав. Од составот на владата излегува Страхил Гигов а нови министри стануваат Даре Џамбаз и Цветко Узуновски. Министерот Љупчо Арсов ја задржува функцијата прв потпретседател на владата, но наместо министер за финансии станува претседател на Контролната комисија при Народната влада на НРМ, значи го предводи телото што ја контролира владата во име на Белград, заедно со Колишевски, се разбира. Истовремено Даре Џамбаз станува министер за финансии, а Цветко Узуновски министер за внатрешни работи на местото на Кирил Петрушев, кој, наместо министерството за внатрешни работи, го презема министерството за градежништво, а Георги Василев, наместо министерството за градежништво, го презема министерството за индустрија и рударство. Министерот за внатрешни работи Цветко Узуновски-Абаз само два месеца откако ја презема фукцијата веќе ја има спакувано приказната за бегството на Ченто преку граница, па на 14 јули го апси а на 31 јули соопштива дека е уапсен првиот претседател на Македонија. Методија Андонов-Ченто. Со тоа завршува првата фаза во работата на таканареченото „работно тело“, кое, всушност, е „стечајна управа за Македонија“, а работи под заштита Кардељ, односно Тито.
Значи, според докуемнтите до кои дошол Велјановски во Архивот на Тито, по Второто заседание на АСНОМ, во Президиумот на АСНОМ, без правна основа, по барање на федерацијата, бил формиран посебен орган наречен „Работно тело“ при Президиумот на АСНОМ, кој со својот состав и со ингеренциите што ги презел врз себе, ја стеснил улогата на Президиумот на АСНОМ како законодавен и извршен орган на македонската држава. Всушност, формирањето на „Работното тело“ по налог на федерацијата, без да има некое посебно расположение па и потреба за тоа во Македонија, значи отстапување од изворните решенија на АСНОМ, кои на македонската држава и овозможуваа извесно самостојно настапување во меѓународните односи и организирање на сопствена одбрана. За жал, набргу уследија промени со централизирање на армијата и стапување на македонската војска во неа, со што се изврши натамошно ограничување на македонскиот државен субјективитет.