Наместо планираните 787 милиони евра задолжување за годинава, со ребалансот на Буџетот Македонија ќе се задолжи двојно повеќе односно 1,5 милијарди евра, покажуваат податоците од Министерството за финансии.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, како што објави Слободен печат, вели дека постои план според кој би се задолжиле со финансиски инструменти со кои ќе се обезбедат подобри услови од тоа што сега е на пазарот.
– На финансискиот пазат сега еврообврзницата е со камата над 8 проценти, а минатата година беше 1,5 проценти. Затоа сега правиме различни комбинации со цел товарот према Буџетот да биде што помал, а да ги финансираме сите потреби за оваа и за идната година, вели Бесими.
Идните задолжувања повеќе се планираат во странство, но секако, еден дел останува на домашниот терен, а и тука, со зголемување на основната каматна стапка од страна на Народната банка, задолжувањето станува поскапо.
Утешна вест е тоа што јавниот долг во Македонија малку се намалува откако го достигна највисокото ниво од 61 процент од бруто домашниот производ во 2020. Во 2021 година тој изнесуваше 60,8 проценти, а според последните расположливи податоци од Министерството за финансии, тој изнесува 57,1 проценти од БДП, односно во апсолутен износ е 7,17 милијарди евра. Но, новите најавени задолжувања носат и нов раст, како во апсолутен износ, така и во релативен како процент од БДП.
Извор: Слободен печат