Министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил објави дека пристигна донацијата од 20.000 дози вакцини „Астра Зенека“ од Грција, кои премиерот Зоран Заев, но и самиот Филипче ги највауваа од лани.
– Денеска од нашите пријатели од Владата на Република Грција ја примивме донацијата од 20.000 дози вакцини „Астра Зенека“. Оваа поддршка од грчката Влада, амбасадорот на Република Грција, Русос Кундурос и грчкиот народ се од голема важност за нас, за што им изразувам благодарност. За време на примопредавањето не поздрави и премиерот Зоран Заев, кој во тој момент се врати од Брисел, посочува Филипче.
Солидарноста меѓу пријателските земји во време на ковид пандемијата, истакнува Филипче, покажува колку е важно сите да бидеме сплотени во процесот на имунизација, бидејќи тоа е единствениот начин да издвојуваме победа против вирусот Ковид-19.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на крајот од мај од Брисел најави дека се разгледува можноста за директна билатерална помош за соседните земји, а неколку дена подоцна министерот Филипче соопшти дека Северна Македонија очекува 70.000 дози вакцини, од кои 50.000 од Бугарија и 20.000 од Грција. Портпаролката на грчката Влада, Аристотелиа Пелони на почетокот на месецов, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина на редовниот брифинг со новинарите, потврди дека Грција во координација со Европската комисија, ќе испрати по 20.000 дози од вакцините за Македонија и Албанија. Вакцините од Атина за Тирана беа испратени вчера.
Како што е многупати објавено, премиерот Заев, но и министерот Филипче уште од есеноска најавуваа дека „секој момент“ ќе пристигнат вакцини од пријателските земји, меѓу кои се споменуваше и Грција.