Има пари за последната мерка со која се укинуваат квотите за лековите, рече директорот на Фондот за здравство Ден Дончев во вечерашната „Топ тема“.

Како што истакна Дончев во дебатата, приливите на Фондот во 2020 година ќе бидат за преку 100 милиони евра поголеми од оние во 2018-та благодарение на актуелните економски политики и раздвижувања.

Најави и дека многу скоро ќе биде спроведена планираната темелна реформа во позитивната листа.

-Укинувањето на квотите за лековите е добра, среќна вест, од корист за сите граѓани. Бенефит ќе имаат сите осигуреници. Секој во секое време од која било аптека ќе може да си го подигне потребниот лек. Се елиминира системот на квоти со што се решава деценискиот проблем со недостиг на лекови кој беше особено евиндентен во зимските месеци, објасни Дончев.

Според него, се водело сметка да има период од една година за прилагодување на малите аптеки.

-Ако пред година – две ја донесевме мерката, ќе ризикуваме помалите ланци аптеки да ги ставевме во нерамноправна положба. Порано се фаворизираше само еден ланец аптеки, напомена директорот на Фондот и дополни дека досега не е изготвен никаков е-здравство и вклучување на информатичките технологии во секторот со цел негово поедноставно функционирање.