Од експертските предвидувања дека Македонија ќе ја заврши епидемијата со максимум 2.000 заразени, денес стигна до 111.077 инфицирани лица од Ковид-19 од почетокот на корона-кризата.
Во очекување на стартот на масовната вакцинација на населението во Македонија, според вчерашните податоци на Министерството за здравство, во ковид-центрите на територијата на целата држава се лекувале 937 пациенти со Ковид-19, при што имало околу 260 празни болнички кревети.
Во деноноќието меѓу четвртокот и петокот биле регистрирани 868 нови случаи на Ковид-19, со што вкупната бројка на инфицирани од почетокот на епидемијата надмина 111 илјади, оздравеле 355 пациенти, а починале 15 лица.
Со вчера регистрираните новозаболени, бројката на активни случаи во земјава достигна 10.872. Досега во земјата се направени вкупно 559.021 тестирања на Ковид-19, вкупната бројка на инфицирани со коронавирусот од почетокот на епидемијата достигна 111.077, на оздравени пациенти 96.925, а на починати 3.280.
Министерството за здравство посочи дека бројот на приеми во ковид-центрите во изминативе денови е зголемен, поради што е отворена е и модуларната болница во склоп на Инфективната клиника со дополнителен број кревети.
И покрај растот на бројот на новозаболени од Ковид-19, министерката за труд и социјална политика Јахода Шахпаска вчера порача дека состојбата поврзана со корона-пандемијата во детските градинки е стабилна и тие остануваат и натаму отворени, но ситуацијата се следи и согласно тоа како ќе се развива може да бидат преземени и дополнителни мерки.
– Во градинките согласно последниот неделен извештај има нови 14 позитивни дечиња и 34 вработени. Состојбата во градинките е под контрола, рече министерката Шахпаска по посетата на Дневниот центар за лица со попреченост во Берово.
Состојбата со ковид-кризата и набавката на вакцини одново беше повод за меѓупартиски препукувања. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта ја ставила земјава на „црната листа по број на починати од корона на милион жители, на дното на листите по набавени вакцини“.
– Од декември месец во соседните земји е започната масовната вакцинација, а во Македонија стагнира поради Заев и Филипче, посочи ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение, обвинувајќи дека премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче со набавката на кинеските вакцини покажале оти „им се поважни парите и профитот, од здравјето на граѓаните“.
На оваа СДСМ одговори дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со своето деструктивно и неодговорно делување и преку лаги и измислени конструкции се обидува да го девастира здравствениот систем и да внесува страв и вознемиреност кај граѓаните.
– ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски без докази со лажни обвинувања за наводни провизии и нерегуларности, намерно го поткопува процесот за набавка на вакцини, со што предизвикува директна штета за здравјето на граѓаните, посочи СДСМ во партиско соопштение, додавјќи дека во набавката на кинеските вакцини, нема ништо незаконски.
Во врска со набавката на кинеските вакцини министерката за одбрана Радмила Шеќеринска во интервју за емисијата „Трилинг“ на телевизија 24 Вести ги отфрли шпекулациите дека Владата отворила офшор фирма за таа цел. Таа нагласи дела „ако некој сакал да води бизнис, тој и ќе се случел“, потенцирајќи дека целта на Владата била да ги искористи сите канали за да обезбеди што е можно побрзо вакцини.
Водејќи се од тоа дека со вакцините не треба да се води политика, Владата, рече Шекеринска, потпиша договор за набавка на вакцини од западно производство, како што е „Фајзер“, но истото го направи и за кинеските и руските вакцини.
– Сите оние коишто дојдоа и рекоа можеме да ги обезбедиме, сакавме да најдеме шанса што е можно порано да ја имаме вакцината, нагласи Шекеринска, потенцирајќи дека биле искористени сите канали за да се набават вакцини оти „ситуацијата е таква што не може да се чека, туку мора да се бара опција“.
На ова прашање синоќа се осврна и министерот за здравство Венко Филипче при гостување во емисијата Топ Тема на Телма, посочувајќи дека откако не успеале во иницијалните обиди да стапат во контакт со прозводителот на вакцините во Кина, од кинеските компании кои работат во земјава добиле препорака како да стигнат до производителите.
– И стигнавме до нив, разговаравме и за количините и за времето на транспорт. По известувањето на тамошното Министерство ни беше укажано дека тоа не е патот по кој треба да се оди и ние тоа го испочитувавме. Какви провизии, кога ние сме направиле уплата и таа е вратена, изјави Филипче.
Тој нагласи дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ се во континуиетет и дека раководните луѓе од партијата сакаат да ги пресликаат работите што ги правеле кога беа на власта.
Според Филипче, здравствените власти будно ги следат забелешките на другите земји за вакцината на „АстраЗенека“, која државава треба да ја добие преку Ковакс механизмот.
– Внимателно ги следиме забелешките од другите земји. Будно следиме, препораките од самите производители и одлуките во одредени земји. Врз основа на тоа ги градиме нашите препораки, нагласи Филипче, додавајќи додаде дека лично нема проблем да се вакцинира со која било вакцина, бидејќи како што нагласи сите се безбедни.