Вистинска мала драма пред крајот на денот се одвивала на брегот на акумулацијата „Козјак“.

Центарот за управување со кризи (ЦУК), информира дека било пронајдено и спасено возрасното лице, рекреативен риболовец, кој заради проблеми со срцето бил во животозагрозувачка ситуација на брегот на езерото „Козјак“, на локација после црквата „Света Богородица“ кон горниот дел.

При оваа спасиелна акција Итната медицинска помош покажала голема брзина и вештина, како и Полицијата. Исто така, големо ниво на соработка и хуманост покажале дежурните од Јавното претпријатие „Јасен“ на пунктот „Кула“, како и граѓани коишто помогнале во лоцирање на лицето кое било во животнозагрозувачка ситуација.

Во продолжение следи соопштението на ЦУК, во кое се откриваат детали за акцијата.

– Конкретно, во периодот по 19.00 часот на Единствениот број за итни ситуации 112 е добиен повик од возрасно лице – рекреативен риболовец на езерото Козјак, коешто заради проблеми со срцето снеможело и било во животозагрозувачка ситуација. Лицето, дека имало повеќе сила, успеало да прати и дигитална локација на телефони во Скопје, а потоа не било контактибилно. Но, неговата локација веќе ја имале и дежурните од Единствениот број за итни случаи 112, кога тој успеал да се јави на бројот. Неговиот телефонски број бил даден и во Итната медицинска помош, со што се имало можност и лекар да комуницира со лицето за медицински совети согласно можностите и ситуацијата.

Со брзата и професионалната интервенција на Итната медицинска помош, во содејство со Полицијата и со дежурните од „Јасен“ на пунктот „Кула“, возрасното лице во животозагрозувачка ситуација заради проблеми со срцето прво било пронајдено покрај брегот на езерото „Козјак“. Затоа, во тој период на интервенција за спасување на лицето, бил прекинат патот со времен режим на сообраќај, освен за Медицински тимови. Инаку, во попладневниот и вечерен период патот низ ЈП „Јасен“ е отворен само за сообраќај во еден правец – кон Скопје, а наутро од Скопје кон езерото. Медицинскиот тим од Итна медицинска помош на лице место го згрижил пациентот и со болничко возило се упатил прво кон Општа болница во Прилеп, а потоа, согласно медицинската проценка, со медицинско болничко возило и лекарски надѕор, било упатено кон Клиниката за кардиологија во Скопје. Според, последните информации кои се добиени во ЦУК, рекреативниот риболовец на Акумулацијата „Козјак“, којшто заради проблеми со срцето снеможел и бил во опасна животозагрозувачка ситуација е во контактибилна состојба.

Оваа случка, за среќа со среќно продолжение заради тоа што срцевите проблеми немале фатален крај за риболовецот, неминовно налага да се повтори предупредувањето што и медиумите секојдневно го емитуваат во различни програмски форми на својата програма или на своите медиумски платформи: за подготвено и внимателно престојување во природа, со полна батерија на мобилниот телефон, да се носи вода и други течности со себе, како и да се има заштита од сонце во овој период на високи температури, а и подготвеност за секакви сценарија согласно здравјето на рекреативците во природа, соопштија од ЦУК.