Косовскиот премиер Рамуш Харадинај претпладнево објави дека ја повлекол дозволата дадена на српскиот претседател Александар Вучиќ за посета на регионот Дреница, јави МИА од Приштина.
– Безбедноста на граѓаните е над се. Ја повлеков дозволата издадена од Министерството за надворешени работи за посета на српскиот претседател на регионот на Дреница. Одлуката стапува на сила веднаш, објави Харадинај на Фејсбук.
Одлуката на Харадинај уследи по протестот на неколку стотици ветерани на Ослободителната војска на Косово и жители на Скендерај (Србица) и другите населени места од регионот, кои со камиони и дрва го блокираа патот низ кој треба да помине Вучиќ за да го посети тамошното село Бање, населено со Срби.
Според медиумите, повеќето од протестантите се вооружени, а се слушнале и истрели од огнено оружје.
Српскиот претседател Вучиќ сепак тргна кон селото Бање во општината Србица, иако косовската Влада ја откажа неговата посета бидејќи КФОР и косовската полиција не можат да му гарантираат безбедност.
Вучиќ претходно изјави дека и покрај информациите за блокада на патот, по кој треба да помине денеска кон селото Бање, ќе се обиде по друг, околен пат за да стигне до селото, но сепак изрази сомнеж дека ќе успее.
– Тешко дека ќе стигнеме, ќе видиме, изјави Вучиќ и побара од српските медиуми да останат во косовска Митровица и да не тргнуваат по тој пат.
Српскиот министер за одбрана Александар Вулин изјави дека Војската на Србија ќе ја почитува одлуката на претседателот и врховен командант и се што тој ќе нареди ќе биде спроведено.
– Претседателот е врховен командант на Војската на Србија и се што ќе рече тој ќе биде спроведено. Може да нареди употреба на војска и тоа ќе биде спроведено. Он е тој што ќе одлучи за тоа. Ако треба да се заштити неговата безбедност или да помине до место каде што сака, тоа ќе биде обезбедено, нагласи Вулин.
Прашан како ќе реагира Србија доколку биде нападнат претседателот, Вулин додаде да не го прашуваат за тоа.
– Немојте да ме прашувате, ве молам. Знаете што би одговорил за тоа. Нема да го кажам, но знаете како би реагирале, изјави Вулин за телевизијата Пинк и веднаш потоа го напуштил студиото.
Во селото Трнава се слушаат истрели, објави српската телевизија РТС, а последните информации од Косово се дека полицијата ја запрела колоната со српскиот претседател Вучиќ која е на пат кон селото Бање.
Последна вест: Вучиќ не отпатува за Бање, се враќа во Митровица
Српскиот претседател Александар Вучиќ се откажа од посетата на селото Бање во регионот на Дреница, откако косовската Влада му ја повлече дозволата за посета на таа област во која се одржуваат протести на ветераните на Ослободителната војска на Косово (ОВК), јави дописникот на МИА од Приштина.
Вучиќ се обиде да го посети селото по споредни патишта, но беше запрен од косовската полиција и вратен назад.
Откако беше запрен од полицијата, српскиот претседател замина кон Митровица, од каде што со жителите на Бање ќе разговара телефонски.
Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли објави дека Владата во Приштина била поддржана и од КФОР за одлуката да му се повлече дозволата на Вучиќ за посета на Дреница.
КФОР: Безбедноста на Вучиќ е загарантирана
Портпаролот на меѓународните сили во Косово – КФОР, Винченцо Грасо изјави дека припадници на овие сили, во координација со институциите на Косово и полицијата на Косово, работат на смирување на ситуацијата, како и за безбедноста на српскиот претседател Александар Вучиќ, јави МИА од Приштина.
– Никој не му се заканува на Вучиќ. Неговата безбедност е загарантирана, изјави Грасо за порталот коха.нет.
Во врска со протестот поради посетата на српскиот претседател на областа Дреница, Грасо рече дека КФОР работи заедно со косовската полиција за отстранување на барикадите и обезбедување слобода на движење.
– КФОР работи на мировен начин, подготвени сме за се што ќе се побара од нас, во рамки на нашиот мандат, изјави портпаролот на КФОР.
Единици на КФОР се појавија на местата на кои се поставени барикади со градежна механизација, камиони и дрва.
Последната информација од терен е дека, откако беше запрен при обидот да отпатува во селото Бање во Дреница по заобиколен пат, Вучиќ се врати во северна Митровица, од каде ќе разговара со жителите на селото по телефон .
Претходно, поради протестите на ветераните на ОВК и локалното население во Дреница, косовската Влада му ја повлече дозволата на Вучиќ за посета на тој регион.
Српските медиуми јавуваа дека демонстрантите се вооружени и распоредени низ повеќе места во регионот, а од едно село се слушнале и истрели од огнено оружје.