Најмалку 2.000 луѓе починаа од почетокот на најновата епидемија на ебола во Демократска Република Конго, покажуваат најновите податоци на тамошните власти, кои потврдуваат дека станува збор за најбрзо растечката епидемија од овој вирус досега забележана во историјата.
Според официјалните податоци објавени изминатава ноќ, досега се регистрирани вкупно 4.381 потврден случај на зараза, од кои 2.011 завршиле со смртен исход, додека во моментов 704 пациенти се наоѓаат на лекување и во строга изолација. Овој трагичен биланс е достигнат за нешто помалку од три месеци откако епидемијата беше официјално прогласена на 15 мај.
Здравствените власти предупредуваат на застрашувачкото темпо на ширење на заразата: додека за првите 1.000 смртни случаи беа потребни девет недели, следните 1.000 жртви беа регистрирани за само три недели. Ова дополнително ги засилува алармите на хуманитарните организации дека неопходната медицинска помош не стигнува доволно брзо до оддалечените и непристапни подрачја.
Светската здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека епидемијата всушност започнала уште во февруари, многу пред властите да ја идентификуваат во еден од најоддалечените региони на земјата. Оваа епидемија дополнително се разликува од повеќето претходни бидејќи ја предизвикува реткиот сој на вирусот „бундибуџио“ (Bundibugyo), за кој сè уште нема одобрени вакцини ниту специфична терапија.
Ова е 17-та и досега најголема епидемија на ебола со која се соочува оваа централноафриканска земја, каде што во далечната 1976 година, во близина на реката Ебола, за првпат во светот и беше идентификуван овој смртоносен вирус.




