„Дрекслмајер“ донираше триста компјутери за училиштата од Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Велес и Градско, иформираа денеска од германската фабрика во Кавадарци, која е најголем работодавец во државата.
-Во пресрет на новата учебна година, која годинава е соочена со многу предизвици, компанијата „Дрекслмајер“ донираше компјутери што ги издвои од сопствените капацитети, со цел да се олесни претстојната онлајн-настава. Ова е втора поголема донација од ваков тип, откако на почетокот на годината „Дрекслмајер“ подари околу деведесет компјутери на неколку училишта во тиквешкиот регион. Со ова, вкупната бројка со која се опремени училиштата е триста компјутери. Се работи за над десетина училишта од Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Велес и Градско, кои добија компјутерска опрема од компанијата. Компјутерите се тестирани и ја поддржуваат платформата на Министерството за oбразование и наука, соопштија од компанијата.
Некои од училиштата добија лаптопи, а дел десктоп-компјутери. Генералниот директор Лукас Мирингер пред директорите на училиштата во Кавадарци на примопредавањето на опремата истакна дека му е чест и задоволствошто што со оваа донација можат да придонесат за олеснување на подготвителниот процес за онлајн-настава пред самиот почеток на новата учебна година.
– Се надевам дека компјутерската опрема ќе му биде од голема корист на наставниот кадар во училиштата од овој регион, а учениците и во време на пандемија ќе имаат можност непречено и квалитетно да ја следат наставата.Ова е наша заедничка одговорност, истакна Мирингер.
Одговорноста за распределбата на компјутерите во кавадаречките училишта ја презеде Општина Кавадарци.
– Донацијата e од огромно значење за нашето училиште и за подобрување на квалитетот на наставата. Со околу педесетина компјутери што ги добивме ќе им овозможиме на наставниците да ја спроведат онлајн-наставата, но и да ја збогатат наставната програма, посочи Донка Јованова, директорка на СОУ „Св.Кирил и Методиј“ во Неготино.
Од „Дрекслмајер“ нагласија дека како и досега ќе се продолжи да се негуваат вредностите и целите за одржлив развој на општеството во сите области.
– Поддршката на образованието е само дел од глобалната развојна стратегија на компанијата, додадоа од компанијата.