Министрите на ДУИ во македонската Влада донесуваат ставови во име на Владата што не се во согласност со позициите на ЕУ во однос на важни меѓународни прашања. Одлуките на министрите на ДУИ не се на линија на политичките ставови и позиции на Брисел, што не беше случај до пред два-три месеци кога сите македонски реакции на надворешно-политички план беа во согласност со оние на ЕУ.

И додека Бугарија и Грција отворено ги кажуваат своите барања и настојувања да ја притиснат Македонија да се самоизбрише, ДУИ тоа го прави прикриено и со затскриена агенда, што укажува дека формалниот премиер Заев е сосема обезвластен и, во овој домен, е само една фигурина без никаква реална моќ во Владата.

Имено, во пресрет на одлуката за почеток на преговорите со ЕУ во Брисел, министерот за економија во македонската влада, Крешник Бектеши, зазел становиште, за генерален директор на Светската трговска организација да се поддржи британскиот кандидат што е спротивно на позициите на ЕУ.

Македонија нема ништо против кандидатот на Велика Британија, но овде не станува збор за тоа, туку станува збор за фактот дека нејзината надворешна политика сепак треба да води сметка и да биде усогласена со таа на ЕУ.

Спротивното сигурно не придонесува во процесот на приближувањето на Македонија кон ЕУ, туку напротив, може да придонесе Брисел повторно да ја одложи одлуката за почеток на преговорите со Македонија.

Голем број земји на ЕУ, особено Франција, се спротивставуваат на кандидатурата на Британецот Лиам Фокс за генерален директор на Светската трговска организација, велат дипломатите на ЕУ. Така, на пример, германскиот министер за економија Питер Алтмаер на прес-конференција по состанокот на министрите за трговија на ЕУ во Берлин на 20 септември 2020 г., изјави дека ЕУ направила добар избор поддржувајќи ги трите кандидатки – Амина Мохамед од Кенија, Нигеријката Нгози Оконџо-Ивеала и Јужнокорејката Ју Мјунг-хи.

Изборот на генерален директор на СТО треба да се изврши со консензус на државите членки најдоцна до 6 ноември или само три дена по завршувањето на американските избори што во голема мера ќе влијае на крајниот исход за тоа кој ќе биде новиот генерален директор. Македонија, секако нема решавачко значење во тој процес, но останува нејасно чии интереси застапува министерот Бектеши кога станува збор за односите ЕУ-Македонија.