Директорот на компанијата Тхор индустриес, Дрин Ахмети и внук од братот на претседателот на ДУИ Али Ахмети, најави дека ќе го тужи претседателот на партијата БЕСА и градоначалник на Тетово, Биљал Касами ако јавно не му се извини за обвинувањата кои денес ги изнесе на прес конференција за работењето на компанијата.
– Во врска со прес-конференцијата оддржана од страна на претседателот на партијата БЕСА и градоначалник на Тетово Биљал Касами, сакаме да ве информираме дека се работи за комплетна невистина и погрешна пласирана информација во јавноста. Тхор индустриес ги демантира сите невистини искажани од господинот Касами кои наведуваат на неетичко работење поврзани со компанијата, се вели во соопштението до јавноста од Дрин Ахмети.
Според него овие тврдења на Касами биле целосно невистинити и нанесувале штета и на компанијата и на неговиот личен углед.
– Ваквите лажни тврдења прават штета на компанијата, како и на личниот углед на сопственикот Дрин Ахмети. Тхор индустриес бара јавно извинување од страна на партијата БЕСА и господинот Касами, во спротивно ќе ги преземе сите правни дејствија за претрпената штета од невистините изнесени од страна на господинот Касами, се наведува во соопштението од Дрин Ахмети.