Љубомир ЦУЦУЛОВСКИ

ПРОТЕЖЕ. Кон мојот претходен пост „Схоластика“ со коментар се јави Тони Дескоси, универзитетски професор. Во него ја форсираше тезата дека дипломатите се лажговци во корист на својата земја, теза која е повеќекратно погубна, бидејќи со неа етиката се одвојува од политиката, што е типично макијавелистички пристап.

Од друга страна, тоа значи дека секое средство е оправдано, бидејќи целта ги оправдува средствата.

Трето, целта, по правило, не ја определуваат граѓаните/народот, туку владеачките структури – што мислат дека е корисно, тоа и ќе биде корисно. Меѓутоа, за нив.

Од четврта страна, македонската политика и дипломатија, најмалку се вокорист на сопствената земја, туку измеќарски им слугуваат на туѓите интереси, погубни за македонскиот народ. Од петта страна, ако секој дипломат е лажго, како што инсистира Дескоски, следи дека сите дипломатии (без исклучок) се исти. Имајќи ги овие елементи пред себе, му го поставив едноставното прашање – ако сите дипломати/дипломатии, како што се залага, се базираат врз лага, дали тоа значи дека според него ЕУ-дипломатијата ја изедначува со наци-дипломатијата.

Наместо да одговори, во „одговорот“ пишуваше за сешто, меѓутоа најмалку за поставеното прашање. Затоа, го поставив уште еднаш, па уште еднаш, па уште еднаш…

Попусто. Од темата бегаше како нечестивиот од темјан. Затоа, го предупредив дека ако конечно директно не одговори на поставеното прашање, ќе му го оневозможам пристапот до мојата ФБ страница. Во прилогот кон текстов, ја пренесувам неговата реакција, во која, помеѓу другото, упатува да се читаат делата на првиот македонски министер за надворешни работи (Денко Малески) кој уште во 2017 година изјави:

„Вознемирен и збркан, македонскиот историчар не може да разбере, дека треба да се напушти една линија на мислење, која произвела стотина и стотина научни трудови од 1945 до денес. Тој (македонскиот историчар, Љ.Ц.) не сфати дека македонската политичка и правна мисла од почетокот на деведестите години требаше да се откаже од сите свои основни делови…“. Три години покасно Малески изјави дека „… во минатото сме биле дел од еден и ист народ“, мислејќи на нас (Македонците) и Бугарите

И двете изјави на Малески објавени се во Бугарија. Можеби во нив е, помеѓу другото, причината/мотивот зошто Тони Дескоси толку упорно форсира одредени тези за дипломатијата, како и одредени дипломати, особено кога Република Македонија повторно се наоѓа пред притисок за уставни промени и внесување на „бугарското“ малцинство.

П.С. Во наредните денови пристапот до мојата ФБ страница на Тони Дескоски ќе му биде дозволен, за да можат посетителите (ако се заинтересирани) да ги прочитаат неговите „коментари“ од мојот претходен пост. Потоа, следи она што е одлучено – забрана на пристап.