НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во Софија починал Еден Македонец, псевдоним на македонскиот револуционер Евтим Спространов

/ 05.07.2023

Користел повеќе псевдоними, како Еден Македонец, Охридчанин, Македонец, А.Б.В., Карабурун и други, а вистинското име му е Евтим Ангелов Спространов, роден на 15 јануари 1868 година во Охрид, а починал на денешен ден, 5 јули 1931 година во Софија.

(фото: Евтим Спространов)

Спространов е македонски револуционер, деец на Македонскиот комитет, тој е еден од поистакнатите претставници на македонската емиграција во Бугарија каде активно се занимавал со општествена работа и учествувал во политичкиот живот на оваа земја.

Пишувал и на бугарски и на македонски јазик и е автор на значаен Дневник, останат во ракопис, кој се чува во трезорите во Научниот архив на Бугарската академија во Софија, од чија целина е објавен само еден дел. Неговиот литературен и научен опус е богат и опфаќа повеќе области: поезија, проза, есеј, лингвистика, етнографија, историја, фолклористика, преводи и друго.

Таткото на Евтим, Ангел Спространов е еден од членовите на Охридскиот заговорнички кружок од 1880 – 1881 година и учесник во Демирхисарскиот заговор. Се школувал во Охрид, а потоа во Солунската машка гимназија. Во 1888/89 година бил учител во трикласното училиште во Крушево, а потоа студирал во Духовната семинарија во Киев и на Правниот факултет на Московскиот универзитет.

(фото: Евтим, Атанас, Димче и Тома Спространови)

Поради здравствени причини се вратил од Русија и се населил во Софија во 1891 година, каде бил учител и службеник во Министерството за народното просветителство. Како секретар на професор Иван Шишманов, Спространов помагал во уредувањето на збирка за народни умотворби, наука и книжевност.

Во 1892 година Евтим Спространов учествувал во основањето на Младата македонска книжевна дружина и бил соработник на нејзиниот печатен орган – списанието Лоза. Заедно со своите истомисленици Петар Поп Арсов, Тома Карајовов, Христо Поп Коцев, Димитар Мирчев, Андреј Љапчев, Наум Туфекчиев, Георги Баласчев, Коста Шахов, познати и како лозари. Претседавал со Софиското македонско друштво, а во 1895 година на Првиот македонски конгрес во Софија, Евтим Спространов бил избран за член на раководството на Македонскиот комитет, подоцна наречен Врховен македонско – одрински комитет (ВМОК). Поради разногласието на двете најголеми организации, Комитетот и Македонската револуционерна организација, привремено се повлекол од активна револуционерна дејност.

Во 1897 година го добил синот – идниот писател Димитар Спространов. Во 1903 година Евтим Спространов е меѓу основачите на Врховната емиграциска комисија во Софија, која во соработка со Задграничното претставништво на Организацијата, собирала помош и средства за настраданото население во Македонија и Одринско. Во 1904 година Спространов се враќа во Македонија како директор на бугарското егзархиско женското училиште во Битола, но бил протеран од турските власти. Откако успеал да се сретне со главниот отомански инспектор на вилаетот во Македонија и Одринско, Хилми паша, Спространов добил дозвола да остане во Македонија како инспектор на егзархиските училишта во Солунскиот санџак. Во 1905 година помагал во печатењето на белградскиот весник Автономна Македонија.

Летото 1906 година Спространов бил принуден да го напушти Солун и се вратил во Софија каде работел во Министерството за народното просветителство. Во тоа време тој одржувал контакти со голем број дејци на Внатрешната организација – Христо Матов, Тодор Александров, Петар Чаулев, Аргир Манасиев и други, автор е на многу статии за револуционерното и просветно дело во Македонија и Одринско.

По Младотурската револуција од 1908 година, Спространов повторно бил учител во Македонија – во женското училиште во Солун, а подоцна истата година и инспектор на училиштата во Битолско.

Во 1909 година Евтим Спространов станал уредник на весникот Татковина. Во 1910 година станал секретар на митрополијата во Едрене и еден од активистите на Бугарската матица. Во 1912 година бил уредник на егзархиски весник Вести во Цариград.

По Втората балканска војна, Спространов објавил серија статии во весникот Вечерна пошта. Во 1912/13 година бил на административни функции во Штип и Кукуш, а за време на Првата светска војна бил окружен управник на родниот град Охрид.

По завршувањето на војната помагал на бегалците од Македонија, западните покраини и Одринска Тракија. Постојано бил избран за претседател на Охридското културно друштво „Св. Климент“, секретар на Илинденската организација и потпретседател на Националниот комитет на Сојузот на македонските братства. Во 1923 година бил во основачите на Македонскиот научен институт.

По убиството на Тодор Александров во 1924 година и зголемените несогласувања во ВМРО, Евтим Спространов и Охридското братство се блиски со Александар Протогеров и неговите приврзаници.

Евтим Спространов е автор на голем број публикации за животот и дејноста на истакнати дејци кои учествувале во македонското револуционерно движење, како и за минатото на Охрид. Првите научни статии се објавени на страниците на „Зборника за народни умотворби, наука и книжевност“, каде што неговото внимание е посветено претежно на неговиот роден град и на некои јазични проблеми. Пишувал за животот и делото на познати бугарски и македонски преродбеници – Петко Славејков, Браќа Миладинови, Димитар Матов, Нешо Бончев, Цани Гинчев и други.

Спространов пишувал и песни, од кои останува незадоволен и се откажува, за да продолжи со раскази за деца и возрасни. Некои од поетските дела му се пишувани во духот на народната песна – поемите „Македонија тажи“ (1891), „Оплакувањето на Мара“ (1894) и други.

Најзначаен дел во креативноста на Евтим Спространов зазема публицистиката, посветена на македонското прашање. Тој објавувал текстови во повеќе списанија и весници, како и во периодиката.

Комисијата за култура на Собранието на Република Македонија во декември 2017 година ја усвои Предлог-програмата за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во Република Македонија за 2018 година и формираше Работна група за посета на институциите од областа на културата.

Комисијата го прифати предлогот во Програмата за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во Република Македонија за 2018 година да биде додаден и јубилејот 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер Ефтим Спространов.

(Д.Г.)


Од истата категорија