Македонското МВР информира дека го известиле македонското Јавно обвинителство за вчерашната заплена на дрога во полициското возило на црногорско-албанската граница.
МВР виновникот го бара кај македонската царина, која им го подарила возилото, но во 2016-та не го исчистила бункерот од дрогата.
Како што е веќе објавено, двајца инспектори од одделот за компјутерски криминал од МВР вчера беа фатени со марихуана во специјален бункер во возилото.
– Во текот на вчерашниот ден, вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР се упатиле на обука во Црна Гора, и за патување до таму задолжиле службено возило од авто-паркот на МВР, кое МВР го користи откако е добиено од Агенцијата за управување со одземен имот. Ова возило било запленето од страна на Царинската управа во акција за сузбивање на трговија со дрога во 2016-та година. Кога стигнале на границата меѓу Албанија и Црна Гора, во возилото била пронајдена марихуана, која била скриена под седиштата. Но, вработените во МВР немаат никаква врска со дрогата, туку таа била сокриена во автомобилот, односно останала од 2016-та година кога ова возило било запленето во акција на Царинската управа, а потоа дадено на Агенцијата, од каде пак е отстапено на МВР. Вработените во МВР немаат никаква поврзаност со дрогата и тоа го потврди и албанското Јавно обвинителство и тие се веќе вратени во Скопје“, соопшти вчера МВР.
МВР „имаше проблем“ со уште едно „неисчистено возило“, познатиот „мерцедес на Груевски“, кој на почетокот од мандатот на министерот Оливер Спасовски беше изнесен на специјална прес-конференција пред очите на јавноста и новинарите за да се види дека е „нечист и гребан од мачки“.
Но, за разлика од вчера запленетото возило со специјален бункер за дрога, „мерцедесот на Груевски“ го изнасликаа, го исчистија и не го продадоа како што ветија, туку македонските функционери се возат во него и денес.