Различни институции со различна процентуална застапеност на етничките заедници, пишува Порталб.
Етничките Македонци доминираат во ресорите одбрана, финансии и земјоделство, а етничките Албанци во министерствата за политички систем и за економија.
Според податоците, речиси во сите министерства застапеноста на етничките Албанци е над 25%. Во четири ресори застапеноста е помала од 20%, но има министерства каде што таа е над 40%. Конкретно, во Министерството за политички систем застапеноста на етничките Албанци изнесува 84,36% а во Министерството за економија 47,55%. Во овие два ресора застапеноста на Македонците изнесува 5,15% во ресорот што го води Артан Груби односно 42% во ресорот економија, пренесува Плусинфо.
Во Министерството за одбрана, пак, етничките Македонци се застапени со 79,48%, додека етничките Албанци со 12,95%. Во Министерството за транспорт и врски застапеноста на етничките Албанци изнесува 17,07% а во Министерството за земјоделство 18,01%.
Најголем процент на етнички Турци има во Министерството за економија 4,90%, во Министерството за политички систем 4,10%, во Министерството за образование 3,85% и во Министерството за земјоделство 3,58% Етничките Бошњаци, пак, со највисок процент се застапени во Министерството за локална самоуправа со 5,56% и во Министерството за економија со 2,10%. Во МНР застапеноста на Бошњаците е нула. Етничките Срби со највисок процент од 4,55% се застапени во Министерството за култура а етничките Роми со највисок процент од 2,93% се во Министерството за правда.
„Етничката структура на самостојните органи на државната управа исто како и структурата кај другите органи и министерства е премногу различна од институција до институција“, се нотира во Извештајот за регистарот на вработени во јавниот сектор за 2022 година.
Во Владата етничките Македонци се застапени со 70,6%, Албанците со 13,9%, Турците со 4%, Србите имаат удел од 2,2%, Ромите 5,5% а Бошњаците со скоро 1,5%. Во Собранието Македонците се со 66,67% а Албанците со скоро 28,2%. Во институцијата Народен правобранител речиси иста процентуална застапеност, Македонците со 45,2% а Албанците со 40,5%.