Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска доби закани од висок функционер на ДУИ откако заедно со директорката на ЈП Комунална хигиена Скопје, Косана Мазнева решија да расчистат со рамковните вработени во претпријатието.
Станува збор за 33 лица, кои со години биле вработени со договор на дело, но не доаѓале на работа. Арсовска и Мазнева донесоа одлука договорите на дело да не ги продолжат поради тоа што вработените не ги извршувале своите работни задачи и не се појавувале на работните места.
-Данела немој да мислиш дека си нашла „планина без волк“ и можеш да правиш што сакаш!- гласи пораката до Арсовска од директорот на УЈП Скопје, Абдул Селам Селами.
Тој на Фејсбук и „објасни“ на градоначалничката Арсовска:
– Даноци на имот, плаќања за вода, за општинска хигиена, за паркови и зеленило – тоа се плаќања од истите граѓани, кои ТИ со ова твое владеење ги запоставуваш и ги третираш како граѓани од втор ред. Немате предвидено ниеден кадар-Албанец во дирекцијата, каде што раководи градот Скопје, па од неодамна почна и да отпушташ работници-Албанци од работа! Саламандии можеш да кажуваш во приватниот сектор, или во твојата компанија, од каде што доаѓаш, но НЕ и со народните пари на граѓаните на Скопје, напиша Селами на Фејсбук.
Од ЈП Комунална хигиена вчера соопштија дека на 33 лица кои биле вработени, преку АПВ, со месеци и години земале плата, а не оделе на работа, вчера им завршија договорите и истите не се продолжени.
Од таму велат дека мора да се стави крај на расипничкото трошење на парите на граѓаните и посветено да се работи на подобрување на услугите и исполнување на нашите обврски кон граѓаните.