Пратеникот на Демократската унија за интеграција, Арбер Адеми денска изјави дека неговата партија во работната група за реформи во изборното законодавство, ќе предложи една изборна единица со пет посто праг и со отворени листи. Малите партии, пак, реагираа истакнувајќи дека овој предлог за нив е неприфатлив, пишува РСЕ.

Адеми рече дека прагот од пет отсто го предлагаат за да се обезбеди политичка стабилност во државата.

„Политичката нестабилност не оди во прилог ниту на државата, ниту на граѓаните’, рече Адеми.

Коментарите доаѓаат откако минатиот месец беше формирана работна група за реформи во изборното законодавство, која треба да ги имплементира препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а паралелно и да работи и на нов Изборен законик, соопшти Министерството за правда.

Помалите парламентарни денеска на заедничка прес-конференција соопштија дека предлогот на ДУИ е неприфатлив, велејќи дека се против прагот од пет проценти што го предлага ДУИ.

„Тоа што го предлага ДУИ за една изборна единица со изборен праг од пет отсто, јас одговорно тврдам дека ниту ДУИ, ниту која било друга од албанските партии ќе достигнат самостојно до пет отсто“, изјави пратеникот на Демоктатскиот сојуз Павле Трајанов.

Помалите парламентарните партии бараат да нема никаков праг, бидјеќи тоа ќе биде „погубно за малите партии“ и бараат законот за промена на изборниот модел до јуни да биде во Собранието.

Став за Изборниот законик денеска дадоа и пратеници на владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот на СДСМ, Миле Талевски истакна дека неговата партија ги поддржува измените на Изборниот законик. Тој рече дека тие биле првата политичка партија којашто во својата програма во 2016 година го имала предлогот за една изборна единица.

„Ги поддржуваме законските измени во делот на препораките од ОБСЕ и ОДИХР. Во делот на прагот, во делот на отворените листи и со оглед на тоа дека Изборниот законик секогаш се носел со консензус апелираме преку дебата, преку дијалог во работната група да се утврдат потребата од отворени листи, потребата од праг“, рече Талески.

Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека неговата партија ќе даде поддршка на една изборна единица откако ќе се договорат другите работи. Посочи дека поддршка од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе добијат забелешките од ОБСЕ/ОДИХР.

„А за ова другото очекуваме од големите политички партии да го кажат својот став по однос на една изборна единица. Став на ВМРО-ДПМНЕ во однос на една изборна единица е тоа дека не се мешаме во внатре коалициските комбинаторики на владејачките партии и конфликтите кои што постојат меѓу нив по однос на овој процес затоа што гледаме дека од една страна имаме лицемерие дека поддржуваат една изборна единица, а од друга страна, втора година имаме закочен процес на закон кој што е во процедура“. рече Мицевски.

Инаку, претседател на работната група за реформи во изборното законодавство е Александар Новаковски, кој е поранешен претседател на Државната изборна комисија (ДИК).

Во овој процес, освен претставници на политичките партии, вклучени се невладини организации, синдикати, министерства и надлежни органи за спроведување на изборниот процес, соопшти Министерството за правда.