Откако вчера во Дебар лидерот на ДУИ, Али Ахмети се повика на „бесата“ што ја прекршија во 2016 година, денеска и Бујар Османи на прес-конференција му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека тој не одлучува кој ќе биде претставник на Албанците во идната влада.
– Не одлучува Мицкоски кој ќе биде претставник на Албанците. За тоа ќе одлучи народот, изјави османи, се уште актуелниот министер за надворешни работи во техничката влада.
Тој додаде дека не треба да се зборува за коалиции на девет дена пред избори, туку треба прво да се слушне волјата на народот.
Османи најавата на Мицкоски дека по парламентарните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе коалицира со коалицијата на Албанците ВРЕДИ ја спореди како времето кога „Белград сам одбрал Рахман Морина да биде претставник на Албанците од Косово“.
Османи додаде дека се уште не е одлучено дали и кому ќе ги препорача своите гласови освоени од првиот претседателски круг на 24 април.
– Јас бев кандидат на Европскиот фронт и ваквата одлука ќе ја донесеме со Европскиот фронт во следните денови, рече Османи.
Инаку, во 2016 година, откако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, ДУИ на Ахмети и Османи одбија да формираат коалициска влада со победникот и тогаш коалицираа и формираа влада со СДСМ, која имаше помалку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и со тоа го устоличија Зоран Заев за премиер.