Резултатите од конкурсот за доделување стипендии за ученици за учебната 2026/2027 година ја откриваат исклучително ниската застапеност на албанските ученици, отворајќи сериозни прашања за начинот на кој Министерството за образование и наука управува со образованието и обезбедува еднакви можности, се вели во соопштението од ДУИ, што МИА го објавува интегрално.
Од вкупно 817 доделени стипендии, само 80 им се доделени на албански ученици. Тоа значи дека нивното учество во вкупниот број корисници изнесува помалку од 10 проценти.
Уште позагрижувачки е фактот што во одредени категории албанската застапеност е целосно занемарлива. Во категоријата талентирани ученици, од вкупно 50 доделени стипендии, ниту еден албански ученик не добил стипендија.
Од друга страна, во категоријата талентирани уметници, само 4 албански ученици добиле стипендија, наспроти вкупно 150 доделени стипендии.
Овие резултати бараат јавно објаснување од Министерството за образование и наука и од заменик-министерот Дритон Сулејмани, кој треба да објасни како е обезбеден еднаков третман на учениците и дали критериумите, постапките и резултатите биле анализирани и според етничката припадност.
ВЛЕН не може да се задоволува само со владините функции и декларативните заложби за застапеност, додека конкретните резултати во толку важна област како образованието бараат транспарентност и отчетност.
Стипендиите не се привилегија, туку можност што треба да се доделува врз основа на правични и еднакви критериуми. Албанските ученици имаат еднакво право да ја добијат институционалната поддршка, а секој резултат што отвора сомнежи за нееднаквост заслужува целосно објаснување.
ДУИ бара од Министерството за образование и наука да ги објави целосните податоци за пријавите, освоените бодови и корисниците по категории, како и да ги појасни критериумите врз основа на кои биле избрани стипендистите.
Образованието не смее да биде област во која албанските ученици остануваат недоволно застапени. Одговорноста за транспарентноста и еднаквите можности е институционална и не може да се избегне со молчење.
Фото: архива




