Никој не сака да се занимава со Јовановски, изјави денеска адвокатот Сашо Дуковски кој го застапува обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 во аферата Рекет и бара неговиот клиент, кој е во притвор во Шутка, да биде болнички згрижен и да добие нега поради, како што тврди, сериозни здравствени проблеми.
Дуковски вели дека денешната прес-конференција ја свикал за да не се случи неговото име да се најде во билтен како починат затвореник.
– Боки 13 според мокри крв, не може да оди сам и има крвава столица. Иако од клиниките има документација во која се бара Јовановски да биде хоспитализиран, здравствените власти си ја префрлаат одговорноста меѓу себе, рече Дуковски.
Тој најави кривична пријава против затворскиот лекар за нечовечко постапување.
– Ова е состојба на сврзани садови има координација во медицинскиот третман. И мене ме упатува на тоа дека никој не сака да се занимава со Јовановски, вели Дуковски.
Дуковски приложи медицинска документација за здравствената состојба. Од неговото приведување до денеска тој бил однесен во болница 30 пати. Освен здравствени проблеми Боки 13 трпел и омаловажувања поради неговата сексуална определба и медицинари му викале „нека умере педерот“.
Поради проблеми со тежината и рбетот Јовановски извршил две операции за намалување на желудникот и подврзување на желудникот со тенкото црево. Двете операции биле неуспешни и од тогаш, според неговиот адвокат почнува здравствената голгота на Јовановски.
Дуковски објаснува дека му се враќа желудочната киселина во белите дробови и може да настане моментална смрт.
Освен желудникот нему му откажал и левиот бубрег и иако му била дадена антибиотска терапија, во затворот три недели не му била давана терапија од страна на затворскиот лекар.
Дуковски е задоволен од судот и затворските власти, но не е задоволен од односот на Обвинителството каде Јовановски колабираше пред неколку месеци. Поради здравјето на Јовановски тој не може да ја подготви одбраната за судењето за „Рекет“ кое е закажано за 3 декември.