Во врска со „Али експрес сензорите“, Движењето за чист воздух испрати писмо до заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули по неговата изјава дека тие биле од Али експрес, предизвикувале паника и дека Скопје не било толку загадено.
Во писмото еколгистите му пишуваат на Макрадули:
„Почитуван заменик министер за загадување на животната средина, Али Експрес е фирма ќерка на Али Баба. Бидејќи милувате да ги користите овие две компании, ве молиме во своите изјави, во интерес на граѓаните кои сакаат да дишат чист воздух да ги наведете останатите 40 разбојници на Али Баба кои во континуитет не трујат и се најодговорни за доведувањето на нашите животи во опасност. Како наш придонес, со цел да се разреши проблемот, ние ќе ви помогнеме за идентификација на првите три разбојници: Цементарница, Железара, Дрисла…40. Се надеваме дека овие три доволно ќе ве инспирираат да ја надополните листата со преостанатите, пишуваат екологистите во писмото.
Тие натаму за загадениот воздух на Макрадули му пишуваат:
„Доколку се двоумите или немате идеја кои се тие обратете се до нас, „Движењето за чист воздух“ ние ќе ви помогнеме да ги идентификувате и лоцирате како главни помошници на Али Баба. Друже Јани, ти си наше светло на крајот од индустрискиот оџак, ти си бесценет ко концесија за мала хидроцентрала, сјај во очите на генерален директор, борец против ќумбињата, цар на сите стратегии! Кога го слушаме твојот милозвучен говор се потсетуваме кога нашите претци ги водеа овците на испаша. Ти си сон за секоја партија пред избори и ќе ургираме сите пак да те стават како носител на листа. И те молиме многу поздрави ни ги другарчињата од царина, Дрисла, Те-То, Цементара и Инспекторат… со кои заедно сте нашиот дрим тим од сеништата, се вели во писмото на Движење за чист воздух објавено на нивниот профил на Фејсбук.