Комисијата за заразни болести денеска ќе има состанок на кој се очекува да бидат предложени нови рестрикции за невакцинираните граѓани затоа што тие најмногу ги оптоваруваат болниците. Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека конкретни предлози од состанокот ќе бидат доставени до Владата.

– Болничкиот систем сега најмногу го оптоваруваат невакцинираните пациенти. Тоа дефинитивно не смееме да го толерираме понатаму. Доаѓа зимска сезона и време на настинки и други пациенти ќе го оптоваруваат дополнително болничкиот систем. Во услови кога има доволно вакцини, апсолутно не е дозволиво граѓаните да не се вакцинираат. Со вакцинирањето не само што водат сметка за своето здравје, туку и за здравствениот систем. Ние не можеме бесконечно долго да оставиме вака да биде преоптоварен здравствениот систем, изјави Филипче во ТВ-гостување, додавајќи дека во изминатите денови со Комисијата разговарале за тоа какви мерки се воведени во земјите од регионот и во некои држави во Европа.

Во вчерашната статистика за поминати 24 часа, беа регистрирани 524 нови позитивни на коронавирус од 3126 тестирања, 565 оздравени и девет починати пациенти. Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од Мој термин, пријавени беа и осум починати лица со датум на смрт од 24 октомври до 13 ноември.

Во државава има 8271 активни КОВИД-случаи, од кои 3775 се во Скопје. Зад главниот град е Битола со 630, трицифрени бројки имаат уште 12 општини, а четири од нив се со над 300 активни: Прилеп (419), Велес (350), Кавадарци (344) и Куманово (323).

Министерството за здравство соопшти дека заклучно со 15 ноември вакцинирани се 815 523 граѓани, ревакцинирани се 785 916, а трета доза примиле 56 349. Ревакцинирани над 40-годишна возраст се 57 отсто, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

– Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 58 отсто, а со две дози опфатени се 47 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираше Министерството.

Фармацевтската компанија Фајзер“ соопшти дека ќе ја даде лиценцата за лекот против КОВИД-19 на организацијата „Медисинс патент пул’ (Medicines Patent Pool) од Женева, која дополнително ќе им даде дозволи на компаниите да го произведуваат лекот за употреба во 95 земји.

„Фајзер“ потпиша договор со Обединетите нации да им дозволи на други производители да го прават експерименталниот лек против КОВИД. Договорот исклучува некои големи држави кои поминаа низ силни бранови на пандемијата.

Според здравствените власти, фактот што е постигнат договор пред некаде да се одобри лекот на „Фајзер“, може да помогне побрзо да се стави крај на пандемијата.

Засега крајот не е на повидок зашто бројките на новозаразени растат, а земјите се справуваат со нови мерки и ограничувања за невакцинираните.

Дигиталниот сертификат на ЕУ од вчера во Хрватска е задолжителен за сите вработени во јавниот и државниот сектор, како и за локалните власти, а за оние кои не биле вакцинирани или прележале, се воведува мерка задолжително тестирање за коронавирус. Сертификатите за КОВИД-19 се воведуваат и во училиштата, но само за вработените.

Вработените кои не прележале или не биле вакцинирани ќе мора да се тестираат двапати неделно, така што се отворени повеќе од 6500 места за тестирање, вклучително и во канцелариите за примарната здравствена заштита и аптеките. Одлуката е донесена во екот на четвртиот бран на пандемијата и нема ограничен рок.

Уставниот суд на Словенија, пак, привремено ја суспендира минатомесечната одлука на Владата само вакцинирани и прележани лица да може да одат на работа.

Анкета на љубљанскиот дневен весник „Дневник“ покажува дека мнозинството Словенци би поддржале одлука за воведување рестрикции за лицата кои не се вакцинирани, но се против заклучување за сите.

Владата во Белгија донесе одлука за задолжителна вакцинација на здравствениот персонал од јануари. Тие ќе мора да се вакцинираат меѓу 1 и 31 јануари, одлучи белгиската федерална Влада. Во спротивно, ќе мора да приложуваат негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа, што сами ќе го плаќаат. Доколку одбијат, работниците ќе бидат првично суспендирани, а од 1 април ќе бидат и отпуштени од работа.

Неделно ќе мора да се тестираат на коронавирус сите невакцинирани здравствени работници во Чешка. Околу 6,2 милиони луѓе од 10,7-милионското население во таа земја се целосно имунизирани, а се зголемува бројот на заразени. Во преполните болници и социјални домови во две области во источниот дел на Чешка ќе помага војската.  Драстичното зголемување на КОВИД-пациентите, чија состојба бара хоспитализација, доведе до тоа многу болници, како на пример во Брно и Пилсен, да ги одложат закажаните процедури.

За да се охрабрат што повеќе граѓани да се вакцинираат, украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи награда за Украинците кои примиле две дози вакцини против коронавирус. Тој најави дека секој што ќе прими две дози ќе добие по 1.000 гривни (околу 35 евра). Целосно вакцинирани се само една третина од Украинците.